Кремљ: Русија засега нема намера целосно да ја запре испораката на гас за Европа

Москва, 25 јули 2022 (МИА) – Русија не е заинтересирана за целосно прекинување на испораките на гас за европските земји, но тоа може да се промени доколку ЕУ продолжи да воведува санкции кон Москва, изјави денеска портпаролот на Кремљ – Дмитриј Песков.

Коментирајќи ја изјавата на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, дека по намалувањето на испораките на гас од Русија Европа треба да се подготви за целосно прекинување на протокот на тој енергенс, Песков им рече на новинарите дека „Русија не е заинтересирана за такво нешто“, пренесува руската агенција ТАСС.

„Русија е одговорен снабдувач со гас и без разлика што велат во Европската комисија, во европските метрополи и во САД. Русија беше, е и ќе продолжи да биде земја која во голема мера ја гарантира енергетската безбедност на Европа“, рече Песков.

Сепак тој потенцира дека ситуацијата ќе се промени доколку Европската унија „продолжи по патот на непромислено наметнување ограничувања и санкции“ кон Москва.

Прочитајте и:  ЕУ размислува да го замени рускиот течен гас со американски гас, објави Урсула фон дер Лајен

Кога станува збор за испораките преку гасоводот Северен тек, Песков рече дека тие ќе бидат „во технолошки можните граници“ откако ќе се постави турбината и ќе се врати од ремонт.

„Се разбира, турбината ќе биде инсталирана. Знаеме дека сè уште има проблеми со другите единици, за што знае и компанијата Сименс. Но, се разбира, турбината ќе биде инсталирана откако ќе се завршат сите формалности. И испораките ќе продолжат до степен до кој тоа е технолошки возможно“, рече Песков на прашањето дали Гаспром ќе ја зголеми испораката на гас во Европа по инсталирањето на турбината.

Гасоводот „Северен тек“ работи со 40 отсто од максималниот капацитет од средината на јуни поради задоцнетото враќање на гасните турбини на Сименс по ремонтот, што е последица на канадските санкции против Русија.

- Реклама -