Кремљ: Новите испораки на американско оружје за Киев ќе го интензивираат конфликтот и нема да ѝ донесат добро на Украина

Новите испораки на американско оружје за Украина само ќе го „интензивираат“ конфликтот со Русија, порача денеска Кремљ во очи посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски на САД и најавата, која Вашингтон во меѓувреме и официјално ја потврди, дека Украина ќе добие противвоздушен ракетен систем „Патриот“.

„Сето ова секако води кон ескалација на конфликтот и не е добро за Украина“, изјави портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков.

Тој рече дека не очекува Зеленски, по посетата на САД, да го смени ставот во врска со можните преговори со рускиот претседател Владимир Путин.

Минатата недела и руската амбасада во Вашингтон ги предупреди САД околу испраќањето на системот „Патриот“ во Украина.

Прочитајте и:  Турција бара од САД да биде изземена од санкциите за рускиот гас

„Во САД е започната информативна кампања за наводни подготовки за испраќање на најсовремените системи за противвоздушна одбрана во Киев. Доколку оваа информација биде потврдена, ќе бидеме сведоци на уште еден провокативен чекор на американската администрација што може да доведе до непредвидливи последици“, предупредија руските дипломати.

Дури и без испорака на системот „Патриот“, САД сѐ повеќе се вовлечени во конфликтот во „постсоветската република“, оцени амбасадата.

„Протокот на оружје се зголемува, обуката на војниците се шири. Украинската армија добива разузнавачки податоци. Сѐ повеќе се дискутира за испраќање американски воени експерти во борбената зона. Покрај тоа, во конфликтот учествуваат и американски државјани како платеници“, стоеше во реакцијата.

- Реклама -