Крај на хемотерапијата? Научниците открија корисен „прекинувач“ во клетките

Научниците од универзитетот Northwestern во Илионоис, открија дека секоја клетка во човечкото тело содржи таканаречен „kill code“ (т.е. убиствен код), кој може да биде активиран и да предизвика самоуништување на клетката ако стане канцерозна. Штом внатрешните „бодигарди“ на клетката ќе насетат дека таа мутира во канцер, тие имаат способност да ја „изгасат“ дадената клетка. Научниците се надеваат дека оваа способност ќе може да биде искористена во борбата против ракот, и дека ќе значи крај на хемотерапијата.

Тие сметаат дека малигните клетки ќе можат да бидат натерани на самоубиство без потребата од користење на штетната хемотерапија. Овие „убиствени кодови“ се вметнати во самите рибонуклеински киселини, за кои научниците сметаат дека еволуирале пред повеќе од 800 милиони години, делумно за да го штитат телото од рак. Тие и самите се делумно успешни, но не секогаш можат да се носат со агресивните тумори. Сепак, истите се активираат преку хемотерапијата, при која токсични хемикалии се вбризгуваат во телото.

Надежта на научниците сега е дека ќе најдат начин за синтетичко активирање на „убиствениот код“ без потребата од овие токсични лекови. Маркус Питер – научникот кој го предводел истражувањето, објаснува вака:

„Сега кога го знаеме кодот, можеме да го активираме механизмот без да мораме да користиме хемотерапија и без да чепкаме во геномот. Можеме да ги користиме овие мали рибонуклеински киселини директно, внесувајќи ги во клетките и активирајќи го прекинувачот за самоубиство“.

„Мојата цел не беше да создадам нова вештачка токсична супстанца“, додава тој. „Сакав да го следам примерот на природата. Сакам да искористам механизам што самата природа го дизајнирала… А врз основа на тоа што откривме во овие две студии, сега можеме да дизајнираме вештачки микро рибонуклеински киселини кои се многу помоќни во убивањето на канцер клетките дури и од оние развиени од природата“.

Сепак, научниците истакнуваат дека за потенцијалната терапија со овој метод ќе треба да се почека уште најмалку некоја година. Истражувањето е објавено денес, во Nature Communications.

 

via Metro.co.uk

 

- Реклама -