Коѕијас пристигнува во Скопје, го пречекува протест

Министерот за надворешни работи на Грција Никос Коѕијас денеска ќе допатува во дводневна посета на Македонија. Грчката делегација ќе пристигне на меѓународниот аеродром Скопје.

Предвидени се средби со шефот на македонската дипломатија Никола Димитров и со други високи државни претставници. Како што најави македонскиот министер за надворешни работи, двајцата министри ќе разговараат за позициите на двете страни, откако и Грција и Македонија си разменија нацрт-договори за решавање на спорот со името, за кои Димитров рече дека се разликуваат еден од друг.

Димитров и Коѕијас на 30 март во Виена ќе имаат нова средба со посредникот на ОН во преговорите за името Метју Нимиц. Според грчките медиуми по доставените предлози од двете страни преговорите влегуваат во клучна фаза.

Истовремено неколку патриотски здруженија организираат денеска протест по повод доаѓањето на грчкиот министер за надворешни работи.

Протестот ќе почне пред Порта Македонија во 11.00 часот, по што демонстрантите ќе се придвижат кон Министерството за надворешни работи, а од таму кон Владата.

„СТОП НА ПРЕГОВОРИТЕ ЗА ИМЕТО! МАКЕДОНИЈА НА МАКЕДОНЦИТЕ! ДА ГО ПРЕЧЕКАМЕ КАКО ШТО ДОЛИКУВА! ДА ГО ПРЕЧЕКАМЕ ПО МАКЕДОНСКИ! ДА МУ ПОКАЖЕМЕ ДО КАДЕ Е И ЧИЈА Е МАКЕДОНИЈА!“, стои во најавата за протестот.

Како организатори се јавуваат Народен фронт за Македонија (Македониум, Христијанско Братство, Филип Петровски, Тврдокорни).

- Реклама -