Ковид сепак не умрел: За новиот реис на ИВЗ коронавирусот не само што е вистински, туку и многу опасен

Нов реис – нови „сознанија“. Откако доскорешниот поглавар на ИВЗ – Сулејман Реџепи, на денот на празникот Рамазан Бајрам го прогласи Ковид-19 за умрен, неговиот наследник – в.д. реисот Шаќир Ефенди Фетаху, на новинарски брифинг, испрати сосема спротивна порака.

„ИВЗ од првиот момент е во служба со цел да замине оваа болест која е вистинска и потврдено е во целиот свет дека оваа болест постои и многу е опасна. И нема шега со оваа работа“, изјави Фетаху.

Новиот реис исто така посочи и дека ИВЗ, како верска институција, не е компетентна да оценува дали вирусот постои или не, туку го следи ставот на оние што се компетентни за тоа:

„Институциите кои се професионални и стручни потврдиле дека постои. Ние не сме компетентни да зборуваме дали е вистинска или невистинска, ние одиме кон компетентноста. Посебно во последно време кога во неколку градови во Македонија короната се шири со голема брзина“.

Фетаху повика на почитување на мерките, без страв, но со висока свест и одговорност:

„Апелирам да бидеме сериозни, да се придржуваме кон сите мерки кои ги поставиле органите и да дадеме придонес за што побргу да излеземе од оваа состојба. Ние како ИВЗ влеговме во оваа борба со зборовите ’Страв – НЕ, но голема свест против оваа болест – ДА‘. Мораме да се бориме со сите сили да се надмине ова“, порача новиот реис на ИВЗ.

- Реклама -