Ковид-19 не попушта: Повторно близу 750 починати во Италија, Шпанија и САД со загрижувачки раст

По два минимално „охрабрувачки“ дена во кои бројката на починати во период од 24 часа се движеше во надолен тренд, денеска повторно голем број на смртни случаи во Италија.

Во последниве 24 часа се регистрирани нови 743 смртни случаи, со што вкупниот број се искачи на 6.820 и трендот повторно се врати во нагорен правец.

Гледано наназад, во понеделникот починаа 602 лица, а во неделата 650, откако во саботата во Италија беше регистрирана рекордно тpaгична бројка од дури 793 смртни случаи, највисока од воведувањето на карантинот на 21 февруари.

И бројот на новозаразени го следи истиот тренд. Во изминативе 24 часа нивниот број е 5.249, со што вкупниот број се искачи на 69.176.

Рекорд, за жал, бележи и Шпанија. Досега се регистрирани речиси 2.696 жртви од коронавирусот, а во последните 24 часа 514 жртви повеќе од претходниот ден. Регистрирани се околу 6.584 новозаразени, што е зголемување од 19.8%, со што вкупниот број се искачи на речиси 40.000 заразени. Од друга страна, речиси 3.800 лица оздравеле, а 2.636 остануваат под надзор на единиците за интензивна нега.

Во САД, пак, според податоците на универзитетот „Џон Хопкинс“, досега се починати околу 600 лица. Вкупниот број на потврдени случаи е 49.768, но се смета дека вистинската бројка е многу поголема.

САД во моментов имаат трет најголем број на потврдени случаи во светот, зад Кина и Италија. Стапката на смртност, според досега пријавените бројки, е 1.2%.

Од СЗО денеска посочија дека 85% од новите случаи во светот во последните 24 часа, се во САД и Европа. Од нив, 40% во САД, поради што СЗО предупреди дека САД можат да станат новиот епицентар на пандемијата во светот.

- Реклама -