Од неговото назначување на функцијата премиер па до сега, во период од една година и три месеци, во државата се изградени, инсталирани и веќе пуштени во употреба капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори (ОИЕ) со моќност од над 190 мегавати, што е повеќе од еден блок на РЕК Битола (најголемиот енергетски капацитет во земјава), изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски. За ваквиот подем, тој заслугата му ја припиша на своето знаење кое го акумулирал додека работел во приватниот сектор и, како резултат, променетите регулативи во делот на инвестиции во обновливи извори на енергија.
„Пред да станам заменик-министер за финансии, бев 22 години во приватниот сектор. Сум ги водел двете најголеми компании во оваа држава, благодарение на кои сега имаме најголемо ниво на дигитализација и на достапност на ИП услуги во државата. Кога никој не знаеше, или многу малку во државата знаеја за обновливи извори на енергија, јас ја направив првата инвестиција во ОИЕ за производство на елементи за производство на електрична енергија од ОИЕ“, изјави Ковачевски.
Тогаш, како што рече, ги советувал сите дека иднината е во обновливите извори.
Извор: МИА