Ковачевски: Зачленувањето во ЕУ е историска шанса која не смее и нема да се пропушти

„Членството во Европската унија нам ни е потребно за да го осигураме развојот на државата според европските демократски принципи и стандарди. Но, и на Европската унија ние сме ѝ потребни, како стабилизирачки фактор во регионот на Западен Балкан. Оваа историска шанса не смее и нема да се пропушти“, порача премиерот Димитар Ковачевски на одбележувањето на Денот на народното востание во Куманово.

Најважно и неопходно, според Ковачевски, е да се продолжи со забрзани чекори кон евроинтеграцијата бидејќи, како што посочи, полноправното членство во ЕУ значи да се биде на вистинската страна.

„Овој избор е пред генерациите на денешнината и на ова прогресивно политичко раководство на државата. Владата и јас како премиер сме подготвени да предводиме на патот кон целосно зачленување во ЕУ, со целосна цврста и трајна заштита на националните и државните интереси“, подвлече Ковачевски.

Според Ковачевски, денес во глобалниот контекст на случувања, да се застане на вистинската страна значи да се помогне да се обезбеди безбеден и економски напредок и живот на граѓаните. Европскиот напредок на државата, како што подвлече, е вистинската страна.

„Свесен сум за загриженоста што ја предизвикуваат обидите за спорадични и иритирачки провокации, коишто повремено и намерно се стимулираат во земјава, од страни чиишто интерес се реакции – спротивни на остварувањето на нашите државни стратешки цели, или со подлабоки мотиви. Но, ние сме целосно посветени на заштитата на државните интереси и кон институционални решенија, согласно законите и европското поведение и на овој начин ќе се справуваме со таквите предизвици“, нагласи премиерот.

Прочитајте и:  Македонија и ЕУ потпишаа Договор за партнерство за безбедност и одбрана

Тој изрази уверување дека мудроста е клучот за сите предизвици и дека граѓаните ќе ја поддржат вистинската страна на обединувањето.

„Сите досегашни, а особено идни одлуки на нашата држава и на Европската Унија ќе покажат и докажат дека нашиот македонски јазик е признат и потврден, нашиот национален идентитет е признат и прифатен, а нашата држава е рамноправна со сите европски држави! Може да има многу скептици, политиканти, калкуланти и слични на нив! Имало такви и во минатото, има сега, ќе има и во иднина! Но, ве уверувам, тие не се на вистинската страна! Сите тие се на погрешната страна“, рече Ковачевски.

Според него, наскоро ќе следат бројни институционални, политички, економски и безбедносни договори со Европската Унија, како Фронтекс договорот, којшто ќе биде потпишан на македонски јазик како рамноправен јазик со сите јазици на Европската Унија.

„Тоа е најдобар начин и јасни факти кои нѐ прават рамноправни граѓани и држави со сограѓаните од Европската Унија! Од самиот почеток на нашите преговори со Европската Унија во едно сме целосно убедени и непоколебливи, исто како нашите предци – дека нашиот вековен македонски историски национален, јазичен и културен идентитет е посебен, обезбеден, зачуван и унапреден! Сега и во иднина“, порача Ковачевски пред присутните на централната манифестација во Куманово.

МИА

- Реклама -