Ковачевски за најавите за ново бугарско здружение: Осудувам секакви здруженија кои ги повредуваат чувствата на македонските граѓани и ги нарушуваат односите со Бугарија

Премиерот Димитар Ковачевски денеска повторно изрази осуда за формирањето на здруженија кои се именуваат по личности поврзани со, како што рече, најмрачното минато во Европа – фашистичкиот режим на Хитлер, затоа што ги повредуваат чувствата на македонските граѓани и ги нарушуваат односите со Бугарија.

„Како што го осудив формирањето на здружението во Битола, како што го осудив формирањето на здружението во Охрид, го осудувам и секое друго здружение кое се прави со намера да внесе раздор во односите коишто ги имаат Северна Македонија и Бугарија“, рече Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање околу информациите дека до Централниот регистар е стигнато барање за формирање ново бугарско здружение, со име „Цар Фердинанд“.

Ковачевски повтори дека имаме веројатно најлиберален закон за регистрација и основање здруженија на граѓани и организации, потенцирајќи дека уште кога се појавило првото здружение со спорно име тој разговарал со министерот за правда и веќе се подготвува нов закон за здруженија и невладини организации.

„Му сугерирав да го земе германското законодавство бидејќи сметам дека Германија е најголема земја во ЕУ, да ги вклучи сите политички партии, да ја вклучи Еврејската заедница зашто таа е најпогодена во времето на фашистичкиот период и практично останала само на неколку потомци кои може да се избројат на прсти кои успеале да ја преживеат Втората светска војна на територијата на нашата држава. И кога сите нивни мислења ќе се земат предвид, да се направи законодавство кое ќе спречи ваква појава зашто мала група граѓани злоупотребуваат чувства на граѓаните на оваа држава и нарушуваат односи со соседна држава“, рече Ковачевски.

Прочитајте и:  Реслер: С. Македонија мора да направи конкретен чекор, но и ЕУ да ја сфати геополитичката димензија - во неа нема место за билатерални уцени

Претходно, „Сител“ објави дека веќе е почната постапка за регистрација и на третото бугарско здружение, со назив „Цар Фердинанд“, со седиште во Богданци. Од свои извори медиумот дознава дека во Централниот Регистар веќе се разгледуваат поднесените документи од барателот. И во овој случај подносителот обезбедедил согласност од поранешниот бугарски премиер Симеон Саксобурготски, како член на семејството и потомок на Царот Фердинанд. Од Централниот регистар засега нема одговор кој е поднеосител на барањето за регистрација на вакво здружение.

- Реклама -