Премиерот Димитар Ковачевски досега не слушнал дека партии од други држави учествуваат во изборен процес на друга држава, иако, како што рече денеска, не е непознато сестрински партии да учествуваат во политичка поддршка на партии во други држави.
Според Ковачевски, треба да се види на што точно се мисли кога станува збор за најавата дека на претстојните избори, заедно со албанскиот опозициски блок, ќе се вклучи и партијата на косовскиот премиер Албин Курти. Треба да се провери, додаде, и Изборниот законик, но и на кој начин претставници на оваа партија би учествувале на изборите.
Според него, ако почнат политички партии од соседството да учествуваат на избори во нашата држава, тогаш може да се случи и од други држави да сакаат да учествуваат на изборите во земјава, што би претставувало, како што рече, не толку посакувана динамика.
„Не е непознато сестрински партии да учествуваат во политичка поддршка на партии во други држави, но јас досега немам видено партии од други држави да учествуваат во изборен процес во друга држава. Не знам како точно е пренесена изјавата на еден од претседателите на партиите во опозицискиот блок, треба да се види на што точно се мисли. Ако почнат политички партии од соседството да учествуваат на избори во нашата држава, тогаш може да се случи и од други држави да сакаат да учествуваат во изборите во Северна Македонија, што мислам дека би претставувало некаква не толку посакувана динамика. Сепак, треба да се провери на кој начин тие би учествувале, како и на што точно се мисли. Треба да се провери и Изборниот законик, како и регистрирањето на партиите“, потенцира Ковачевски кој одговараше на новинарски прашања во Владата по потпишувањето на Договорот за подготовка на активности за изградба на откупни центри во Струмица и Ресен.
Вчера, албанските опозициски партии Алтернатива, Движењето Беса и Демократското движење, обединети во коалицијата Европски сојуз за промена, отворија заедничка канцеларија во Старата скопска чаршија. Тие најавија дека на претстојните избори во коалицијата ќе се вклучи и косовската политичка партија Самоопределување со која ќе се води заедничка кампања и ќе има заеднички изборни листи.