Ковачевски за МИА: Се надевам дека рускиот претседател ќе се вразуми и нема да има нуклеарен напад, бидејќи тоа ќе значи нуклеарна војна од невидени размери

Брисел, 25 март 2022 (МИА) – Премиерот Димитар Ковачевски разговараше со МИА за исходот од вонредниот лидерски самит на НАТО за кој итно допатува и американскиот претседател во Брисел, и каде се обрати и шефот на украинската држава. НАТО ќе продолжи да ја поддржува Украина на сите можни начини, но затворање на небото, како што бара Киев, е незамисливо, вели премиерот, бидејќи тоа би довело до војна од невидени размери.

Дали ако Русија употреби биолошко оружје, НАТО ќе мора да се вмеша и колкав е стравот од нуклеарен конфликт на континентот се прашања кои ги мачат земјите сојузнички, кои и натаму се надеваат дека со економски мерки ќе успеат да обесхрабрат рускиот претседател.

Премиерот Ковачевски во разговорот се осврна и на често споменуваните компензации за санкциите против Русија, кои за сега ЕУ ги одбива, но предупредува и дека секое одлагање на стартот на преговарачкиот процес носи со себе ризик од засилување на про-руското расположение кај дел од населението во Северна Македонија.

Премиере, добар ден и благодарам за ова интервју. Ова денеска беше вонреден итен самит на Алијансата. Дали може прво да споделите кои се главните одлуки што се донесоа денеска?

– Најпрвин ви благодарам за поканата за интервјуто. Се одржа вонреден самит на НАТО, на шефови на држави и влади. На него се донесоа повеќе значајни одлуки. Прво е што беше продолжен мандатот на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг за уште една година, со оглед на тоа што светот се наоѓа во воена криза практично, со нападот на Русија врз Украина. На самитот се одлучи да се продолжи мандатот на генералниот секретар на НАТО за уште една година.

Второ, се обрати претседателот на Украина, господинот Зеленски, којшто ја истакна уште еднаш големата пожртвувана борба на украинскиот народ против руската агресија. Тој исто така се заблагодари за помошта што ја добива од земјите членки на НАТО и од другите земји коишто делат исти вредности како и членките на НАТО и таа помош се состои од материјална помош којашто е потребна на украинскиот народ којшто се бори практично за својата слобода. Исто така беше донесена согласност да се зајакне источното крило на НАТО со дополнителни воени единици коишто ќе бидат распоредени во земјите коишто се дел од источното крило на НАТО, покрај тоа што во балтичките земји веќе имаше одлука за распределување на единици. Тие се таму согласно Договорот од Вашингтон да го штитат територијалниот интегритет на земјите членки и се наоѓаат во одбранбена состојба во тие држави.

Исто така, беше осудена воената агресија којашто Русија ја изврши врз Украина и беа исто така реафирмирани повиците за санкции врз Русија со оглед на тоа што сите земји членки на НАТО сметаат дека оваа воена агресија треба да престане и еден од начините на деескалација е економски да се изолира Русија и нејзините политичари, со оглед на тоа што е невоениот начин. Бидејќи секое друго мешање на НАТО во Украина би претставувало поголем воен конфликт и затоа мора да се балансираат одлуките коишто се носат.

Исто така, се усогласивме дека треба да се упати апел до Кина да заземе конструктивна улога односно да влијае на воспоставување на мир во светот и на деескалација на судирите во Украина, а не да помага на Руската Федерација во обидите за заземање на Украина, и тоа ќе биде нормално испратено и до Народна Република Кина.

Во однос на нашите ставови таму, ние имаме веќе усогласена политика со НАТО како земја членка. Исто така сме дел од мисиите коишто НАТО ги има и вежбите коишто се спроведуваат. САД го зајакнаа своето присуство во Европа, тие веќе имаат трупи со големина од сто илјади војници коишто се наоѓаат на европскиот континент, а исто така и другите држави членки на НАТО веќе имаат распоредено позначајни сили од сите родови на војската. Во однос на помошта на Украина сите земји имаат испратено помош на украинската држава, и пред сѐ на украинскиот народ којшто е во исклучително тешка состојба и се состои од секаков вид на помош.

Во однос на бегалската криза, којашто е бегалска криза од невидени размери после Втората Светска Војна, веќе Полска којашто е најизложена ги има ставено своите капацитети во функција на прифаќање. Веќе во Германија исто така се зголемува бегалскиот бран како и во другите земји коишто граничат со Украина. Ние како држава веќе ги донесовме потребните одлуки за идентификување на капацитетите и на обезбедување на сите материјални средства коишто се потреби согласно со нашите можности и сместувачки капацитети за прифаќање на евентуалните бегалци коишто би дошле од Украина. Досега немаме регистрирано бегалци од Украина, меѓутоа сепак сме подготвени да им помогнеме на украинските бегалци бидејќи ние сме држава којашто во минатото имала бегалци и соодветно се однесувала, и сме држава којашто во минатото имала сограѓани коишто истото го имаат почувствувано.

Дали претседателот Зеленски за време на неговото обраќање го повтори барањето за затворање на небото од страна на НАТО?

– Барањето за затворање на беше експлицитно поставено затоа што затворање на небото би значело директен воен конфликт помеѓу НАТО и Русија.

Но, дали побара?

– Не, претседателот Зеленски практично се заблагодари за целата помош којашто ја добива од НАТО и од другите земји членки во материјална помош, исто така се заблагодари за санкциите коишто се воведени врз Русија бидејќи на тој начин се смета дека така ќе се ограничи воената интервенција на Русија и ќе се одврати Русија од продолжување на воените дејствија коишто ги прави во Украина. Овие дејствија претставуваат веќе „грознификација“ на украинските градови, бидејќи ако го видиме градот Мариупољ тој е комплетно срамнет со земја, не се работи за мал град, се работи за голем град во јужна Украина. Истото се случува во другите градови каде има руски воени дејствија и тоа е нешто што мора веднаш да престане бидејќи на тој начин ние имаме воен судир којшто е на две нерамноправни спротивставени страни каде што една голема воена сила изврши агресија врз земја којашто има право на својот територијален интегритет и суверенитет како и секоја друга земја според меѓународното право.

Јасно е тоа дека се нерамноправни, но Зеленски постојано бара да го затворите небото, пратете ни барем еден отсто од вашите капацитети, интервенирајте на терен. Зошто НАТО, ако е НАТО и сите негови земји членки свесни дека ова е нерамноправен конфликт и дека Русија ги гази Украинците, зошто НАТО не може да ја донесе таа одлука да го затвори небото и да го обезбеди тоа затворено небо?

– Јас веќе ви кажав дека затворање на небото над Украина би значело воен конфликт помеѓу НАТО и Русија и тоа би прераснало во војна од невидени размери. Од таа причина одлуката и на НАТО и на другите земји, коишто се дел од ЕУ и земји на пат кон влез во ЕУ, одлуката е со економски санкции и други невоени средства за санкции да се одврати Русија од понатамошни воени дејствија.

Ако ги слушаме источноевропските земји, Естонија на пример, Полска, не ја исклучуваат можноста во иднина, во даден момент да дојде на дневен ред затворањето на небото. Тоа го кажа естонскиот министер пред неколку недели. Дали мислите дека може да се променат работите? Спомна денеска генералниот секретар дека ако дојде до хемиски напад или не дај боже нуклеарен нешто би можело да се смени. Дали тоа нешто што би можело да се смени би значело директна интервенција на НАТО и судир НАТО-Русија?

– Значи во однос на заштитата од биолошки напад евентуален исто така се разговараше и веќе на редовниот самит во Мадрид ќе се операционализираат детали за тоа на кој начин да и се помогне на Украина во справување со евентуални такви напади. Исто така се разговараше и за заштита од сајбер напади на земји коишто се во опкружување на Русија и на другите земји коишто се наоѓаат на Западен Балкан, а исто така се разговараше за зацврстување на капацитетите за одбрана и одвраќање и за земји коишто сакаат да бидат дел од НАТО како на пример Грузија, со цел да можат да ги зајакнат своите капацитети за во иднина. Во однос на балтичките земји тие се дел од НАТО и нивната одбрана ја гарантираат сите земји членки на НАТО како што тоа важи за било која земја членка на НАТО каде и да таа се наоѓа географски во светот.

Но, повторно да се вратам бидејќи не ми одговоривте на прашањето. Столтенберг рече дека доколку дојде до биолошки или хемиски напад, тоа може да ги контаминира соседните земји, но не одговори, не отиде до крај на неговото размислување и не одговори на прашањето дали хемиски или биолошки напад би можел да го внесе НАТО во овој конфликт против Русија. Која е вашата проценка?

– Логично е дека не одговорил затоа што за такво нешто треба да се направат анализи од страна на соодветните сектори на НАТО бидејќи НАТО не само што претставува Алијанса којашто на највисоко ниво ја претставуваат претседатели на држави и премиери, туку има и сектори безбедносни, и од сите аспекти коишто ја следат состојбата. Амбасадорите во цивилното крило на НАТО постојано имаат состаноци во однос на политичките прашања, меѓутоа секако дека постои и воениот сектор на НАТО во којшто се следи состојбата и во Украина но и евентуални напади. Вие спомнавте што би се случило доколку се случи нуклеарен напад. Доколку се случи нуклеарен напад ние ќе имаме нуклеарна војна од размери какви што не се видени до сега во светот. Јас искрено се надевам дека такво нешто нема да се случи бидејќи евентуален нуклеарен напад не би значело само напад на една точка, туку би значело и ширење на контаминација на пошироки простори со стотици километри. Јас искрено се надевам дека тоа нема да дојде и дека ќе се вразуми рускиот претседател да овој бесмислен напад врз Украина конечно се прекине.

Зеленски спомна дека имало напад со фосфор, но повторно Столтенберг не можеше или не сакаше, во секој случај не ја потврди информацијата. Стана ли збор за тој напад денеска?

– Да, тој информираше, Зеленски, врз основа на нивните информации коишто ги имаат од теренот во Украина дека имало напад со фосфорни бомби во текот на минатиот ден, и тоа сигурно дека надлежните сектори ќе го разгледаат, меѓутоа сето ова ќе биде предмет и на меѓународни организации коишто се занимаваат со заштита на човекови права па и со обвинувања за тешки насилства кон човештвото.

Значи од страна на НАТО службите не е потврдено дали имало таков напад?

– Денеска го истакна тоа на состанокот Зеленски.

Значи допрва ќе се анализира?

– Апсолутно.

Сакам да прашам за санкциите коишто ги спомнавте. Велите дека се надевате дека со економски санкции ќе се вразуми рускиот претседател, но што е тоа што ви дава доверба дека би можел тој да се вразуми со економски санкции? Ако ги гледаме на пример Иран или Куба низ историјата, ниеден режим не се сменил со економски санкции. Зошто би се сменил режимот или би се вразумил Путин со економски санкции?

– Тоа е најелементарното нешто коешто може да го преземат цивилизирани земји во коишто се негува демократијата, бидејќи не се работи само за борба на Русија врз Украина, туку се работи за напад на еден автократски режим врз една демократска држава.  Овде се работи и за злоупотреба на прекумерна сила врз недолжно население, бидејќи гледаме дека се напаѓаат и училишта и секаков вид на објекти во Украина. Мерките коишто се преземаат, економските мерки, против Русија се навистина големи и тоа не само од областа на забрана за тргување и водење на бизнис на поединци коишто учествуваат во овој воен напад туку и замрзнување на девизните резерви на Русија и други трговски бариери коишто се поставуваат. Тоа во секој случај негативно влијае врз руската економија, постојат веќе одредени анализи коишто се прават во ОЕЦД и коишто кажуваат дека веќе некаде десет проценти е намалена економијата на Русија. Што значи дека тие доаѓаат на ниво од загубен раст од 15 последни години. Сепак сметам дека и рускиот народ и руската држава заслужуваат да напредуваат и во економски и во секој смисол и дека оваа војна којашто нивниот претседател ја води против Украина прво е непотребна и второ е бесцелна бидејќи на крајот на денот со неа ништо нема да се постигне и на крајот војните пак секогаш завршуваат со преговори, а остануваат само човечките жртви.

Стана збор за санкции во нафтениот сектор? Гасот? Разговаравте за тоа денеска?

– Во енергетскиот сектор проблемите започнаа и пред почетокот на воената агресија од Русија врз Украина и тоа пред сѐ се однесува на зголемената цена на енергенсите. Тие беа резултат на други движења коишто беа пред војната. Тоа беше прво преминот на обновливи извори на енергија во Европа од традиционалните необновливи извори. Второ покачувањето на цените на ЦО2 сертификатите против загадувањето како и недостатокот на ветер во северните мориња каде што доминантно доаѓа ветерната енергија во Европа. Од тој аспект веќе беа преземени првите чекори во Европа во однос на енергетската транзиција. Значи покрај тоа што се градат капацитети за обновливи извори на енергија, веќе се работи во голем број држави на диверзификација на снабдувањето со гас доминантно, бидејќи тоа е енергенс којшто најмногу се користи од Русија во Европа, вклучително Германија, вклучително и нашата држава Северна Македонија и сите наши соседни држави. Веќе донесовме одлука во тој контекст, односно ги донесовме потребните одлуки за влез во меѓународниот ТНГ терминал во Александрополис. Веќе и минатата недела се потпишаа договори помеѓу ЕСМ и Александрополис за закуп на ТНГ гас којшто доаѓа од други држави, не од Русија и се работи на поврзување со гасовод од Александрополис до нашата држава.

Тоа е познато и тоа се мерки на долг рок, меѓутоа сега веднаш доколку има санкции врз енергетскиот сектор руски од којшто сме ние целосно зависни, дали не стравувате од социјални немири?

– Ние мораме да се определиме дали сакаме да поддржиме или да бидеме неми и неутрални на воена агресија што се случува врз независна држава, Украина, од страна на Русија, или сакаме да бидеме на вистинската страна на историјата бидејќи македонскиот народ секогаш бил на вистинската страна на историјата во секоја војна што е водена и тоа без исклучок секогаш сме биле на вистинската страна на историјата. Сметам дека економски последици и без тие санкции коишто ги споменувате во однос на гасот, светот поминува голема економска криза, најголема после Втората Светска Војна заради нападот на Русија врз Украина, да не заборавиме цените на енергенсите се пет пати покачени, цената на електричната енергија е пет пати покачена, цената на храната е дуплирана, цената на вештачките ѓубрива од коишто зависи производството на храна е зголемено за 300 проценти, доколку успеете да најдете вештачки ѓубрива. И сето тоа направи комплетен дисбаланс во светската економија. Во однос на евентуалното снабдување со руски гас или одреден прекин, ние како држава нормално дека правиме анализи за алтернативно снабдување. Тоа би се правело со ЛНГ гас нормално преку пристаништето во Солун и преку другите околни пристаништа и тоа го прават сите држави, бидејќи да не заборавиме дека овој напад на Русија врз Украина имаше уште една цел, а тоа е дека Руската Федерација сметаше дека, прво сѐ тоа ќе заврши за два дена како што се зборуваше, очигледно не заврши за два дена бидејќи Украинците ја сакаат својата слобода, и втората работа на којашто се сметаше е неединството на Алијансата и на Европа, меѓутоа се покажа дека Европа и Алијансата не биле никогаш поединствени од тоа што се денес и сите заедно работат на стратегии и за меѓусебна помош во овие исклучително тешки услови во Европа. Јас денес имав и неколку билатерални средби на маргините на самитот, со германскиот канцелар, со претседателот и со премиерот на Бугарија, со претседателот на Хрватска и со други претседатели и премиери каде што главна дискусија беше меѓусебната помош и соработка во вакви услови во светската економија коишто се предизвикани од воената агресија на Русија врз Украина.

Прочитајте и:  Белоусов: Украинската воена кампања за 2025 година пропадна

Столтенберг денеска побара да се забрзаат и зголемат инвестициите во одбраната. Дали планирате да зголемите над тие два отсто или да ги постигнете побрзо од 2024?

– Денеска јас ги информирав земјите членки дека до 2024 ќе го постигнеме издвојувањето од два отсто за воениот буџет што значи дека нема да одиме над таа рамка.

И не порано?

– И не порано од 2024.

Ве прашувам затоа што се собираат две години Ковид, зголемување на цените на енергијата, на храната, зголемување на буџетот на одбрана додека Македонија е една мала и сиромашна земја. Колку и да е народот солидарен со украинскиот, тоа ќе го почувствува на сопствената кожа и тоа може да се сврти против вас и како премиер и како влада. Како ќе се справите со тоа?

– Затоа и ние се одлучивме да се држиме до основното сценарио и до она што е обврска како членка на НАТО, а тоа два проценти до 2024. И од нас не беше побарано да издвоиме повеќе или да издвоиме порано. Бидејќи земјите членки меѓу себе имаат разбирање за економските капацитети на секоја држава и нормално дека во рамките на нашите економски капацитети, тоа што го имаме планирано така ќе биде реализирано.

Во однос на другите предизвици коишто ги имаме, ние уште и при креирањето на буџетот во 2021 за 2022, енергетската криза веќе беше почната и тогаш го намаливме ДДВ-то за граѓаните за електрична енергија уште на крајот на првата половина на крајот на 2021, додека за 2022 определивме средства во буџетот во резервите за да може да ја одржуваме ликвидноста на енергетскиот сектор. Притоа, 80 отсто од сметките за електрична енергија на граѓаните се субвенционираат преку буџетот и истото се однесува за сметките за парно греење во Скопје. Пензиите ги покачивме и ја сменивме методологијата со тоа што ќе имаме најголемо покачување на пензиите во оваа година и методологијата ќе важи за сите години нанапред, со тоа што веќе порастот на пензиите нема да зависи од никаква политичка волја или од тоа дали има или нема избори во одредена година, што беше случај секогаш во минатото, што значи дека сега таа методологија е ставена со закон. И дополнително определивме помош за три месеци по илјада денари за да можат да се справат полесно пензионерите со растечките цени на храната и на енергенсите. Второ ја зголемивме минималната плата, да не заборавиме само пред пет години минималната плата беше 9000 денари, сега е 18.000. Пред 5 години беа потребни 4,25 минимални плати да се покрие една потрошувачка кошничка, сега се потребни две минимални плати. Тоа го направиме низ социјален дијалог со синдикатите. Исто така во голем број од индустриските и во општествените гранки се предвидува зголемување на платите, на пример во МВР од пет проценти, во здравството во изминатите години се правеа големи покачувања на платите, во високото образование се предвидени. Секогаш постои притисок од страна на синдикатите за зголемување на платите, јас тоа секогаш сум го разбирал, меѓутоа треба да се има разбирање и од синдикатите за ситуацијата во којашто се наоѓа светската економија. Тие не смеат да ги политизираат барањата во одреден момент, бидејќи ние работиме и на усогласување дневно на фискалната и на монетарната политика, бидејќи покрај тоа што буџетот мора да ги сервисира и ги сервисира сите потреби на граѓаните, исто така мора да биде усогласен исто така и со монетарната политика за којашто е задолжена Народната Банка на државата, со цел да може да се следи и нивото на инфлација коешто на светски рамки е високо со оглед на зголемените цени на храната и на енергенсите. Ние водиме одговорна политика и фискална и монетарна со цел да се задржат фундаментите на македонската економија. Тоа го направивме во време на ковид кризата кога со 6 пакети на антикризни мерки ја помогнавме и економијата и најранливите граѓани и зачувувањето на работните места и што се потврди како исправно, не само од страна на владата туку и од меѓународните финансиски институции. ММФ во своите извештаи потврди дека благодарение на тие мерки зачувани се над 60 илјади работни места, а веќе во 2021, посебно во втората половина од годината имавме раст на македонската економија. Раст беше предвиден и за 2022 како од страна на министерството за финансии така и од Светската Банка и Меѓународниот Монетарен Фонд. А во овој момент сите меѓународни финансиски институции со оглед на кризата, воената агресија што се случува врз Украина, прават нови проценки за тоа колку тоа негативно ќе влијае на растот на светската економија, на американската економија, на европската и нормално на економиите коишто се поврзани меѓу себе секако дека ќе има негативни последици и тоа ќе зависи од сценариото врз основа на коешто ќе се развива оваа криза. Постојат три сценарија: едното е деескалација кога би имало и најмал пад на светската економија, второто е продолжен конфликт кога би имало пад на светската економија меѓутоа со поголем интензитет, и најлошото сценарио е доколку ескалира сево ова уште повеќе во Украина, тогаш би имало и негативни стапки на раст на светската економија. Ова сите го прават сега во светот и се спремаат и антикризни мерки и ги адаптираат своите политики како федералните резерви на САД така Европската Централна Банка и другите банки. Ние како одговори на кризата направивме пакет на антикризни мерки, 26 беа донесени коишто се со вредност од 400 милиони евра и коишто значат намалување на ДДВ и на акцизата кај горивата и намалување на ДДВ кај електричната енергија, издвојување на финансиски средства за најранливите категории на граѓани, за 35 илјади граѓани, три месеци по илјада денари, носење на пакет мерки преку Развојната Банка за одржување на ликвидноста на компаниите, ограничување на маржите на прехранбените производи во мало и големопродажбата. Зајакнување на контролите во однос на злоупотреба на пазарна позиција од страна на одредени продавачи бидејќи државата треба да биде тука за сите кога е најтешко и не смее да дозволи никој да ја злоупотреби својата пазарна положба кога можат да се јавуваат шпекулации на пазарот.

Премиере, и покрај сите овие мерки колку и да се бројни и ефикасни или не, останува дека оваа криза се чувствува во секојдневието на луѓето. Северна Македонија се усогласува со сите санкции на ЕУ, за возврат не само што не добива датум, туку не добива ниту компензации. Дали ќе инсистирате да добиеме компензации исто како и земјите членки на ЕУ? ЕУ рече нема компензации. Дали ова може да се смени?

– Кога се работи за светска криза не можеме да збориме за компензации една земја или асоцијација на земји како ЕУ да компензира други земји бидејќи да бидеме искрени сите се изложени на светската криза.

Ама бара да се усогласиме со нивните санкции

– Ако ги погледнеме цените на енергенсите и тука во Брисел кај што се наоѓаме, тие се многу повеќе покачени отколку во Северна Македонија, цените на храната исто така се покачени. Во однос на помошта и нашата економска соработка, ние не можеме да кажеме дека немаме помош од ЕУ. Ние сме корисници веќе на трет пакет на ИПА фондови коишто се со милионски износи во евра и со коишто се поддржуваат инфраструктурни проекти. Второ во најголемата ковид криза ни беше достапна макрофинансиска помош од ЕУ во износ од 120 милиони евра којашто ни помогна во тоа време и ни се на располагање кредитни линии како од Европската Банка за Развој, Европската Инвестициска Банка, Европската Централна Банка за справување со економските предизвици. Така што ние не можеме да кажеме дека немаме економски бенефити од нашиот договор за стабилизација и асоцијација.

Тоа се мерки кои ѝ претходат на сегашната криза, меѓутоа еве ЕУ разговара за заедничко купување на електрична енергија на пример, дали може Западниот Балкан да се вклучи во таков договор?

– Ние имаме на дневно ниво контакти со релевантните секретаријати и сектори во ЕУ и тоа пред сѐ се однесува на финансиската помош бидејќи министерството за финансии е во постојана комуникација и со ЕИБ и со ЕЦБ. Детали не можам да ви откријам бидејќи се работи навистина за разговори на техничко ниво во однос на финансирањето на надворешниот долг што го имаме бидејќи секогаш постојат повеќе опции за финансирање на задолжувањето и прва опција секако ни е прво ЕУ каде што имаме пристап на дневно ниво. Во однос на снабдувањето со електрична енергија се разговара за заедничко купување и за сите тие стратегии коишто ги развива ЕУ ние сме информирани уште пред нивното правење, и ние веќе ги имаме тие стратегии. Ако погледнеме и проектот во Александрополи, таму учествуваат Република Грција којашто е дел од ЕУ, Република Бугарија којашто е дел од ЕУ и ние коишто сме на пат за влез во ЕУ.

Дали ќе го добиеме датумот до јуни?

– Јас никогаш не сум се врзувал со датуми и од почетокот на мојот мандат не се врзував со датуми туку со реални проекти и со реални разговори коишто треба да се водат прво со ЕУ и со Република Бугарија бидејќи таму имаме дополнителен предизвик со оглед на тоа што минатата бугарска влада стави вето на отпочнувањето на првата меѓувладина конференција. Ние отворивме нов процес на разговори со Бугарија на теми коишто гледаат на иднината од областа на економијата, инфраструктурата, образованието, науката, културата и европските интеграции. Паралелно се водат разговори помеѓу министерствата за надворешни работи за решавање на отворените политички прашања. Едно прашање заради градење на доверба знаете дека беше решено, а тоа е нотата што ја испративме во Обединетите Нации за краткото и долгото име на државата, при што беше потпишан и договорот за прекугранична соработка којшто го немавме поради тоа потпишано со ЕУ и преку кој сега одредени фондови се достапни за прекугранична соработка и градење проекти за организации од двете држави. А на четирите плус едно прашања се работи од страна на МНР на Северна Македонија и Бугарија, се разменуваат идеи. Во моментов не постои документ којшто е усогласен и во моментот кога ќе постои таков усогласен документ, тој ќе биде комунициран со релевантните институции во државата и потоа и со јавноста.

Значи не можете да кажете дали до јуни ќе биде?

– Јас јуни никогаш го немам спомнато и не се врзувам за датуми, затоа што треба да имаме решение кое се заснова прво на европските вредности, а второ до коешто ќе се дојде низ комуникација, а заснован на принцип на меѓусебна почит, прво помеѓу политичарите, второ помеѓу институциите во двете држави и трето на зачувување на достоинството на граѓаните на двете држави. Само такво решение може да претставува добра основа за прво отпочнување на преговорите и второ градење на меѓусебна доверба на две соседни држави коишто треба во светот да претставуваат пример за економска и секаков вид на соработка за напредување на стандардот на граѓаните.

И последно прашање, министерот за надворешни работи пред Европскиот Парламент ги предупреди европратениците дека не само што паѓа поддршката за ЕУ, туку расте и поддршката за придружување кон таа Евроазиска унија. Знаеме дека во Северна Македонија постојат симпатии кон Русија, дали повторен пораз во нашите европски интеграции до јуни може да значи зајакнување на тоа проруско расположение кај еден дел од населението?

– Неотпочнувањето на преговори со Република Северна Македонија дава лош сигнал, бидејќи ние веќе имаме четири позитивни извештаи од страна на Европската Комисија за нашиот напредок во усогласувањето со ЕУ. Тоа дава лош сигнал како за нас така и за цел регион. Министерот за надворешни работи сподели тоа што беше дел од одредени истражувања, а тоа е дека поддршката за ЕУ е сѐ уште на исклучително високо ниво, над 68 проценти. Меѓутоа неисполнувањето на одржувањето на првата меѓувладина конференција го зголемува скептицизмот кај одредени групи, што е нормално во еден таков долг процес и не е добро. Постојат и трети држави коишто не сакаат да ја видат Република Северна Македонија како дел од ЕУ и коишто финансираат различни групи па и политички партии. Ние имаме политички партии со антиевропска и анти-НАТО определба коишто се класично популистички во државата, никогаш не предложиле една остварлива мерка, меѓутоа се потхранети од едни такви центри надвор од државата и коишто со такво финансирање успеваат да креираат одредено јавно мислење коешто е спротивно на стратешките определби на доминантниот дел на населението и спротивно на сите владини партнери, а тоа е полноправно членство во Европа. Бидејќи да не заборавиме ние сме најновата членка на НАТО, каква што станавме благодарение на тешките одлуки, меѓутоа сега гледаме колку е значајно да се биде земја членка на НАТО со оглед на тоа што безбедноста на државата се гарантира од најголемиот безбедносен и одбранбен сојуз во светот.

Тања Милевска

- Реклама -