Премиерот Димитар Ковачевски денеска од Прилеп порача дека политиката треба да ги тргне рацете од верата.
Одговорајќи на новинарски прашања во врска со манастирскиот крст на Попова Шапка и барањето на партиите од Европскиот сојуз Македонската православна црква да го тргне крстот, Ковачевски оцени дека „на тие што немаат сработено ништо во изминатите две години од локалните избори, единствено им останува да ги подгреваат националните, верските и другите чувства на граѓаните“.
„Имам три пораки. Првата порака е дека политиката треба да ги тргне рацете од верата, бидејќи ние сме секуларна држава и секој граѓанин има право да ја практикува верата која што е негова без разлика на која религија ѝ припаѓа и нашата држава е докажана како мултиетничка, мултирелигиозна држава во која што се почитуваат сите права. Второ, се потврди она што и јас го зборував во минатото дека во државата постојат политичари, пред сè тука мислам на опозицијата која што во моментот го води градот Тетово, која во немање на простор и немање проекти реално да покажат на граѓаните што имаат направено, а веќе гледате дека поминаа две години од локалните избори, половина мандат на градоначалниците отиде и тоа буквално така отиде бидејќи ништо не е направено во ниту една општина во однос на проектите што ги ветуваа… единствено што им останува е да подгреваат национални, верски и други чувства на граѓаните. И затоа уште еднаш повторувам – политиката треба да ги тргне рацете од верата“, рече премиерот.
Според него, сите спорови што произлегуваат во однос на какви било градежни објекти без исклучок и без никаква субјективност, треба да бидат решавани во рамки на законот и во рамки на институциите, но притоа, со почитување на секуларноста на државата и потребата за верско изразување на сите граѓани, независно на која религија ѝ припаѓаат.
„И трето, сметам дека на државата ѝ треба носење одлуки во однос на интегрирање во ЕУ, бидејќи во спротивно ќе го гледаме она што го гледавме 11 години, а вие добро се сеќавате дека во тие 11 години не направиме ниту милиметар исчекор кон зачленувањето во НАТО и ЕУ. Единствено гледавме улични борби на Кале во кои едни подигнуваа конструкција за верски објект, а други го напаѓаа верскиот објект. Тоа на државата не ѝ треба. Нашите граѓани сакаат да живеат во држава членка на ЕУ, а не со пасоши на туѓи држави да одат и да живеат во туѓи држави во ЕУ“, истакна Ковачевски по посетата на ИКТ центарот за чување и заштита на податоци во Прилеп каде беше придружуван од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
МИА