Ковачевски – Столтенберг: Северна Македонија ќе ја забрза постапката за одобрување на приемот во членство во НАТО на Финска и Шведска

Премиерот Димитар Ковачевски денеска оствари телефонски разговор со генералниот секретар на НАТО – Јенс Столтенберг. Во разговорот, премиерот го потенцирал единството и одлучниот одговор на Алијансата на „неиспровоцираната војна во Украина“ и едногласноста во поддршката на сувереноста и територијалниот интегритет на Република Украина и на нејзиното неприкосновено право на самоодбрана на нејзините меѓународно признаени граници.

Како што соопштија од владината прес-служба, Ковачевски истакнал и дека државава го дава максимално својот придонес во одговорот и политиките на НАТО во однос на ова прашање и останува и понатаму посветена да ја помага Украина во делот на координираните активности со Алијансата, како и во прифаќање на бегалците од оваа земја.

Како израз на силна поддршка на политиката на отворени врати на Алијансата, Ковачевски во разговорот со Столтенберг ја поздравил иницијативата на Шведска и Финска да станат членки на НАТО, при што потенцирал дека државава ќе ја забрза постапката за одобрување на приемот во членство во Алијансата на овие две земји.

Столтенберг, пак, ја поздравил поддршката на Северна Македонија за итен прием на Шведска и Финска во НАТО, а го потенцирал и успехот на воената вежба „Брз одговор 22“ (Swift Response 22), што ја потврдува нашата земја како вреден партнер на Алијансата, велат од владината прес-служба.

Во разговорот, Ковачевски ја изразил и неговата и поддршката на Владата за покажаното лидерство на Столтенберг и продолжувањето на неговиот мандат во „овие исклучително сложени околности предизвикани од воената агресија на Русија на Украина“.

Прочитајте и:  СДСМ: Наместо да и честитаат на Шекеринска, Сиљановска и ВМРО-ДПМНЕ избраа да бидат „мали“ во момент кога Македонија е голема

Претходно денеска, во одговор на новинарско прашање, министерката за одбрана – Славјанка Петровска, оцени дека е сосема очекувано проширувањето на НАТО со двете скандинавски земји, со оглед на развојот на настаните на европско тло поради кој „сите сме загрижени“. Петровска додаде дека земјава го поддржува проширувањето:

„Ставот на Република Северна Македонија, како најнова членка на НАТО Алијансата, во однос на проширувањето е јасен; а тоа е дека ја поддржуваме политиката на отворени врати на Алијансата. Тоа значи дека секогаш кога некоја земја ќе изрази прво волја да стане членка на Алијансата, ние тоа го прифаќаме, но треба да се следи процесот на нејзино пристапување и во оној момент кога земјата ќе ги исполни условите да биде земја-членка на Алијансата, е добредојдена“, рече Петровска.

Според неа, ширењето на НАТО не треба да претставува закана за никого.

„Напротив, мислам дека тоа е дополнителна вредност за мирот и стабилноста во регионот и на територијата на НАТО Алијансата, но и во светот; затоа што НАТО е политичко воен сојуз, меѓутоа пред сѐ знаеме дека се заснова на политиката на одвраќање и на гарантирање на безбедност“, посочи министерката за одбрана.

Извор: МИА

- Реклама -