Ковачевски – Столтенберг: Северна Македонија е ценет сојузник, со членството во НАТО обезбедена е стабилност и просперитет на земјата

Премиерот Димитар Ковачевски и генералниот секретар на НАТО – Јенс Столтенберг, кој денеска е во официјална посета на државата, по официјалниот пречек, одржаа тет-а-тет средба, по што заедно со делегациите одржаа билатерална средба.

Како што соопшти владината прес-служба, на средбата (на која присуствуваа и министрите за надворешни работи – Бујар Османи, за одбрана – Славјанка Петровска, и за внатрешни работи – Оливер Спасовски) била потврдена улогата на земјава „како ценет НАТО сојузник, земја членка која дава значаен придонес во остварувањето на целите на НАТО и останува посветена на учеството во операциите и мисиите на Алијансата“.

На средбата, се наведува, биле посочени и конкретните политички и економски придобивки за државата од членството во НАТО. Ковачевски истакнал дека стабилноста и безбедноста овозможена преку членството во НАТО е од огромно значење за развој на економијата и е директна придобивка и за граѓаните и за компаниите во земјава.

Прочитајте и:  Околу 30 автобуси возат низ Скопје, граѓаните револтирани, вонредни седници на Владата и на Советот на Град Скопје

„На средбата, соговорниците посочија дека е исклучително важно и за земјата и за регионот што Северна Македонија, рамноправно на иста маса со сојузниците активно учествува во дискусиите за регионалната, европската или глобалната безбедност, споделувајќи го својот специфичен пристап на конструктивно решавање на предизвици преку отворен дијалог, што е основа за градење и развивање добрососедски односи“, се наведува во соопштението.

Македонија, како Северна Македонија, во 2020 година стана 30-тата членка на НАТО – најмоќната Алијанса во светот.

„Заедно со останатите земји-членки го обезбедува мирот и стабилноста на околу една милијарда граѓани во светот кои ги споделуваат истите вредности“, наведуваат од Владата.

- Реклама -