Премиерот Димитар Ковачевски попладнево телефонски разговарал со генералниот секретар на НАТО – Јенс Столтенберг. Како што соопштија од Владата, тема биле повеќе актуелни прашања од важност за регионот и во геополитички контекст.
Како што информираат од владината прес-служба, било истакнато силното единството на државите сојузнички во Алијансата во функција на мирот, по предизвиците од бруталната воената агресија на Русија врз Украина.
Притоа била поздравена „ефективната поставеност на Република Северна Македонија на линија на поставеноста на НАТО партнерите и на заедничката и надворешна безбедносна политика на ЕУ“, како и обезбедувањето на потребната поддршка за Украина.
„Во разговорот е посочено и на важноста од заеднички пристап во справувањето со хибридните закани и дезинформациите како предизвици по стабилноста и безбедноста. За аспектите на прашањата за коишто разговараа денеска премиерот Ковачевски и генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, како што е посочено, се очекува да се разговара и на престојниот јулски Самит на НАТО во Вилнус, Литванија“, се наведува во соопштението од владината прес-служба.