Ковачевски: Седницата за уставни измени ќе продолжи кога ќе се создадат услови, во однос на бројот на пратениците коишто би поддржале таков процес

Пленарната седница на Собранието во однос на усвојувањето на амандманите за уставни измени започна и ќе продолжи тогаш кога ќе се создадат соодветни услови, во однос на бројот на пратениците коишто би поддржале таков процес, изјави премиерот Димитар Ковачевски.

Прашан дали може да се очекува до јануари продолжување на собраниската седница за уставни измени, со оглед дека следната година започнуваат внатрешни избори во Европската Унија, Ковачевски рече дека ова прашање е особено важно, со оглед на изборите кои следат.

„Сега е моментот кога се носи ваква одлука, со оглед на тоа дека идната година и Европската Унија оди на избори и Соединетите Американски Држави одат на избори и Северна Македонија оди на избори. После тоа ќе се прави нова Комисија, нови тела на ЕУ, што секако дека тој процес ќе го одолговлечи во недоглед“, изјави Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања по денешната посета на Регионален центар за стручно образование и обука „Киро Бурназ“ во Куманово.

Ние сме виделе како изгледа чекање и неносење на одлуки, нагласи тој, потсетувајќи дека нашиот пат во евроинтеграциите го започнавме со Хрватска пред многу години, а Хрватска денеска е земја членка на ЕУ, дел од Шенген зоната и земја која го има воведено еврото.

„Колку напредувала Хрватска, а каде сме ние кои што сме го започнале процесот заедно. Ние дури минатата година, благодарение на одлуките на оваа Влада и коалиција, ги започнавме преговорите со ЕУ, а можевме да бидеме членки на ЕУ“, рече Ковачевски.

Според него, тоа е резултат на тоа што „некој овде 11 години сакаше да промовира и продава културно-историски и финансиски патриотизам и да ги подгрева чувствата на граѓаните“, а тоа, рече, негативно се одразило и на нашите односи со соседите, но и на односите внатре во општеството; и државата, од лидер на интеграции – заедно со Хрватска пред 17 години – станала заробена држава, хибриден режим, 140-та по слобода на медиуми во светот, со исклучително ниски  економски перформанси дури и дупло полоши од тоа што го имаме денеска, рече Ковачевски.

Политиката во тие 11 години дала само непосакувани резултати, а политиката на интеграција покажува какви резултати и позитивни ефекти може да има врз граѓаните, државата и врз животниот стандард, оцени премиерот.

„Затоа треба по тој пат да продолжиме. Друга алтернатива нема“, заклучи тој.

Во однос на тврдењето на поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, дека гласањето за уставните измени треба да биде најдоцна денеска, Ковачевски рече дека Владата не раководи со седниците на Собранието, туку тоа го прави претседателот на Собранието и тоа прашање е за него.

„Во однос на толкувањето на Деловникот ќе ве повикам да разговарате со претседателот на Собранието, Талат Џафери, со оглед на тоа дека Владата не раководи со седниците на Собранието, туку тоа го прави претседателот на Собранието, а колку добар претседател на Собрание бил Трајко Велјановски, тоа можевме да видиме на 27 април“, рече Ковачевски.

Извор: МИА

- Реклама -