Економските показатели во државата и идните мерки во програмата на СДСМ со посебен фокус на соработката со дијаспората, дигитализацијата, реформата во јавната администрација, владеењето на правото и борбата против корупцијата беа тема на разговор на денешната средба на раководството на СДСМ со претставници на невладината „Македонија 2025“.
Целта на состанокот, како што информира лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски, е да се видат ставовите и предлозите на економските експерти, бидејќи, како што рече, само на тој начин може да се направат ефикасни мерки и политики за развиена економија.
-Разговаравме за сите теми кои се од интерес за економската сфера во државата, а ги разговаравме и идните мерки во нашата програма кои гарантираат одржлива, иновативна и конкурентна економија. СДСМ има јасен и конкретен план за покренување и раст на економијата, изјави Ковачевски по средбата и додаде дека нема да се откажат од идејата за просперитетна држава и подобар животен стандард за сите граѓани.
Планирани се, како што кажа, 180 милиони евра за поддршка на домашните компании и 3,5 милијарди јавни капитални инвестиции за зајакнување на економскиот раст и развој.
-Минималната плата ќе биде 600 евра, а просечната 1.100 евра до 2028 година. И пензиите ќе растат – 20.000 денари минимална и 30.000 денари просечна пензија. Невработеноста ќе се намали од 12 на 7 проценти во 2028 година, потенцира Ковачевски.
Ова, како што рече, го сметаат за апсолутно остварливо. Посочи дека е важно да се продолжи со европскиот пат зашто и ЕУ предвидува средства за раст на Западен Балкан.
-Докажавме дека знаеме што правиме за да имаме задоволни граѓани и пред се задоволно стопанство. Знаеме по кој пат треба да се движи државата. Свесни сме дека во изминатите години направивме грешки и за тоа ја преземаме одговорноста, но една работа направивме апсолутно правилно – ја идентификувавме визијата за нашата држава и не се откажавме од тоа дури и во најтешките моменти. Македонија стана членка на НАТО и успешно ја водиме државата кон ЕУ. Со сегашните и идните чекори и политики ние сме на прав пат за остварување на втората стратешка цел, а тоа е членството во ЕУ, рече Ковачевски.
Денешната презентација на извештајот на Светска банка, како што посочи, покажала дека македонската економија во 2023 година била отпорна на сите кризи и дека има позитивен раст на економијата иако е понизок во однос на 2022 година. Тоа, како што кажа, е поради влијанието на слабиот резултат на економиите во ЕУ и војната во Украина.