Ковачевски сака да верува дека бил „ненамерно редактиран“ од фотографијата со Петков и Блинкен

Премиерот Димитар Ковачевски „сака да верува“ дека тоа што беше исечен од фотографијата со американскиот државен секретар Ентони Блинкен од заедничката средба со бугарскиот колега Кирил Петков во рамки на Минхенската безбедносна конференција, е ненамерен пропуст, како што впрочем изјави  прес-службата на бугарската Влада. Ковачевски е уверен дека успешната комуникација со Петков и соработката ќе продолжи и во иднина.

„Јас и премиерот Петков и нашите делегации имавме навистина одлична комуникација во рамки на Минхенската безбедноста конференција и сакам да верувам дека одговорот којшто е даден од прес-службата на бугарската Влада е тој кој што е вистинскиот и оти ќе продолжиме со успешната комуникација и во иднина“, рече Ковачевски.

Според одговорот од прес-службата на бугарската влада, фотографиите објавени на профилот на Петков „биле направени на самата конференција, а доколку некоја од нив е редактирана, тоа ненамерно се случило во прес-центарот“.

Извор: МИА

- Реклама -