„Ова беа 100 дена на предизвици – денови на здравствена, енергетска, економска и воена криза и клучна цел беше да се задржи стандардот на граѓаните. Обезбедивме непречена исплата на сите обврски на Буџетот, зголемени приходи, поддршка на инвестициите, поддршка на земјоделството… сѐ она што една Влада треба да го прави за своите граѓани во време на криза“, оцени премиерот Димитар Ковачевски на денешната отворена седница по повод 100 дена Влада.
„Напорно ќе биде и понатаму бидејќи кризата е сеуште присутна, но со јасен план и со јасни мерки што ги спроведуваме и низ дијалог со сите чинители на општеството, сигурно дека Република Северна Македонија ќе излезе како победник од овие предизвици“, истакна Ковачевски.
Во своето обраќање, Ковачевски рече дека негова цел како прв човек на Владата е да има конструктивна комуникација со сите чинители на општеството и повика на издигнување на дневно-политичките случувања и обединување околу приоритетите во општеството.
„Дијалогот е единствен начин за постигнување на решенија. Ја користам оваа прилика да апелирам да се издигнеме над минливите, дневни пориви за политички поени кои ги немаат во фокусот граѓаните и просперитетот на нашето општество. Да најдеме сили и мотивација да ги надминеме разликите, да се обединиме околу приоритетите и брзо да напредуваме“, порача Ковачевски.
Најави дека во следниот период вниманието на Владата ќе биде максимално насочено на клучните прашања кои се од интерес на граѓаните особено на темите за економска сигурност и за подобар животен стандард.
Осврнувајќи се на економските мерки преземени во првите 100 дена од мандатот, Ковачевски посочи дека денарот и покрај сите турбуленции останува стабилен. Финансискиот систем, како што рече, има заштитни механизми што овозможува негово непречено функционирање, а девизните резерви се на соодветно ниво за да се овозможи доволна девизна ликвидност на домашната економија.
Операционализацијата на бескаматните кредитни линии, кои се дел од пакетот антикризни мерки во вредност од пет милиони евра, според Ковачевски, ќе обезбедат поддршка за стопанството и ликвидност на компаниите.
„Со донесената програма за економски реформи за следниот тригодишен период се поттикнува зелената транзиција со цел зголемување на уделот на енергија добиена од обновливи извори, зајакнување на човечкиот капитал и подобрување на конкуретноста на домашните претпријатија и нивна интеграција во глобалните вредносни синџири, како и формализацијата на економијата“, рече Ковачевски.
Во своето излагање, Ковачевски се осврна и на Националната развојна стратегија со која, како што рече, се обезбедува долгорочна визија за економскиот, социјалниот, културниот и еколошкиот развој на државата.
МИА