Ковачевски: Повеќето од дојавите за бомби се преку VPN врски и речиси е невозможно да се детектира од каде доаѓаат

Безбедносната состојба во државата е стабилна, а МВР целосно и успешно ја врши својата работа за да ја гарантира безбедноста на секој граѓанин, вели премиерот Димитар Ковачевски, и покрај безмалку секојдневните дојави за бомби кои од училиштата сега се префрлија и на институциите и министерствата, како и јавни објекти како трговските центри, и не се веќе ограничени на главниот град.

Ваквите „монструозни чинови“, како што ги нарече, се секогаш поврзани со јавноста и тоа е една од клучните работи во делот на тероризмот, изјави Ковачевски.

Тој денеска призна дека е практично невозможно да се детектира од каде доаѓаат дојавите, иако претходно министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во неколку наврати најавуваше дека МВР е небаре на чекор до откривање на изворот на заканите.

„Кај голем дел од овие дојави се работи за Ви-Пи-Ен (*virtual private network) врски хостирани во странство, при што речиси апсолутно е невозможно да се детектира од каде доаѓа дојавата, бидејќи VPN-ите се приватни виртуелни мрежи хостирани во странски држави и затоа се работи со партнерските служби“, рече Ковачевски на новинарско прашање на прес-конференција во Владата.

Тој потенцираше дека заканите се резултат на хибридна војна и останува, рече, како и досега, нашите служби заедно со партнерските служби да се справуваат со овој проблем.

МВР, во однос на дојавите за бомби, дејствува со полн капацитет, уверува премиерот, а притоа ја посочи кривичната пријава за тероризам за малолетникот кој испрати една од дојавите за бомби во училиштата. МВР, вели Ковачевски, секојдневно комуницира со партнерските служби и членките на НАТО и со тие со кои имаме стратешка соработка. При тоа, при истрагата на овие хибридни напади поради геостратешки цели или локални напади заради други цели, МВР прави анализи заедно со службите за безбедност, АНБ и одделот за антитероризам, додаде тој.

Што се однесува до мерките за антитероризам при дојава, тие мора да бидат спроведени по целосниот протокол, без притоа да се импровизира во кој било поглед, без оглед на било какви првични проценки (во смисла однапред да е веројатно дека дојавата е лажна), подвлече Ковачевски.

„Одделот за антитероризам после секоја дојава детално ги прегледува сите училишта со сите утврдени протоколи за да може во најкус рок да се потврди дека се работи за лажни дојави и обврските и наставата во училиштата да продолжат непречено“, рече тој.

Ковачевски посочи и дека на ваков тип напади масовно се изложени и соседните земји, како на пример последните вакви дојави во Црна Гора, но ги има и во Србија, како и во подалечни земји, како што се Нов Зеланд, Канада итн. Премиерот посочи дека, според експертите, ваквите активности се зголемени по отпочнувањето на војната во Украина.

Прашан дали Националниот комитет за тероризам и насилен екстремизам ги сменил протоколите по налог на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, Ковачевски рече дека нема информација и посочи дека за тоа одговор треба да се бара во МВР.

Извор: МИА

- Реклама -