Ковачевски: Почетокот на преговорите со ЕУ e резултат и на големата одлука што граѓаните преку своите пратеници во Собранието ја донеса изминатите денови

Денешното „започнување на преговорите за полноправно членство во ЕУ“, како што изјави македонскиот премиер Димитар Ковачевски, е резултат на 17-годишно носење на „тешки, важни, значајни, патриотски одлуки“. Во него се вградени работата и трудот на сите граѓани на државата, без разлика на нивната етничка, верска или било каква друга припадност, порача премиерот.

„Вградени се трудот и работата на голем број лидери на државата од нејзиното осамостојување – од првиот претседател Киро Глигоров, премиерот Кљусев, преку претседателот Борис Трајковски, Црвенковски и другите премиери, министри и лидери на државата, сите вработени во институциите коишто работеа на подготовки на Република Северна Македонија за отпочнување на преговорите“, рече Ковачевски пред почетокот на денешната меѓувладина конференција во Брисел.

Почетокот на преговорите, додаде тој, е резултат и на „големата одлука која што граѓаните преку своите пратеници во Собранието ја донеле во изминатите денови“.

„Таму многу јасно кажавме дека ние сме држава која што е Европа во мало и која што цивилизациски, историски и на секој друг начин припаѓа во ЕУ“, истакна Ковачевски.

Тој им се заблагодари на францускиот претседател Емануел Макрон, на германскиот канцелар Олаф Шолц и на сите други претседатели и премиери на 27 земји членки на ЕУ, што „денес Република Северна Македонија ги започнува преговорите со ЕУ“.

Извор: МИА

- Реклама -