Ковачевски: Опозицијата при назначување на секој функционер има напади, знам по мене за што сѐ ме напаѓаа

Премиерот Димитар Ковачевски денеска повтори дека за нов директор на Агенцијата за национална безбедност (АБН) е избран професионалец, кој од 1997 година работи и напредува во службата, а посетувал и бројни обуки, доминантно во САД и во Канада. Во однос на тврдењата на опозицијата дека новиот директор на АБН, Зарко Милошевски, бил вмешан во случаите Онишченко, Диво насиље и 27 Април, Ковачевски изјави дека тоа треба да се провери во службите кои се занимаваат со истраги, а тие не се дел од Владата.

„Во однос на наводите кои ги дава опозицијата, тоа може да се провери, меѓутоа врз основа на соодветни институции. Сметам дека опозицијата при назначување на секој функционер има напади. Јас барем знам за сѐ што мене ме напаѓаа, дури и мртви роднини ми споменуваа, така што одговорот на тоа прашање најсоодветно ќе можат да ви го дадат соодветните служби кои се занимаваат со истраги, а тоа се служби кои не се дел од Владата“, рече Ковачевски.

Прочитајте и:  Мицевски: Изразувам огромна згрозеност од недоличното, безобразно и срамно однесување на Апасиев

Во врска со Оперативниот тим за хибридни закани, Ковачевски информираше дека ќе биде составен од најдобрите експерти, доминантно од ИТ технологиите и Ви-Пи-Ен мрежите, преку кои се спроведува целиот процес на хибридни напади, од сите надлежни институции, а со него ќе раководи Бирото за јавна безбедност. Ќе им помагаат и други експерти по потреба, а кои не можат да бидат членови на Оперативниот тим.

Оперативниот тим, како што рече, ќе биде во координација со нашите стратешки партери САД, НАТО и земјите членки на Алијансата. Ќе излезат со краткорочен план и треба да дадат одговори и решенија до нивото на тоа што може да се направи бидејќи дојавите доаѓаат преку Ви-Пи-Ен сервери од странство. Тој тим ќе треба да направи дијагностика на системите во делот на кибер безбедноста и хибридните закани, што ќе биде основа за унапредување на системите во државата во овој домен, рече Ковачевски.

Извор: МИА

- Реклама -