„Предлогот на француското претседателство за деблокада на нашиот европски пат, во ваква форма каква што е во моментов, е неприфатлив за мене, за претседателот на државата, за Владата, за коалициските партнери и за граѓаните на Северна Македонија“, изјави премиерот Димитар Ковачевски на заедничката прес-конференција со српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама по завршување на Самитот ЕУ – Западен Балкан во Брисел.
„Доколку во текот на француското претседателство се постигне разбирање за нашите позиции, ние сме подготвени да се вклучиме во разговори за истите, за да се започнат преговори до крајот на јуни“, рече Ковачевски.
Премиерот нагласи дека граѓаните можат да се спокојни, бидејќи секогаш во прв план се стратешките интереси и цели на државата, како и дека никој не може да ни наметне решение.
„Сите 27 лидери, сите 27 нации и сите 27 земји кои се приклучија на Унијата, сите се приклучија гордо со сите различности и со меѓусебна почит кон различностите. Ништо од ова не било проблематизирано на европскиот пат. Треба да се приклучиме гордо кон ЕУ исполнувајќи ги притоа сите критериуми за членство“, подвлече Ковачевски.
Тој ги повтори клучните елементи под кои би бил прифатлив предлогот – чиста формулација за македонскиот јазик во преговарачката рамка и јасна заштита на македонскиот идентитет, историските прашања не можат да бидат критериуми во преговарачката рамка, преговорите помеѓу Северна Македонија и ЕУ мора да почнат пред отпочнувањето на постапката за уставните измени за вклучување на Бугарите, Хрватите и Црногорците во преамбулата на Уставот и цврсти гаранции и од Бугарија и од ЕУ дека Софија нема да условува со нови барања надвор од она што ќе биде договорено во преговарачката рамка и билатералниот протокол, кој се уште не е усогласен со бугарската страна.
Тој повтори и дека секое решение ќе треба да е консултирано со институциите на Република Северна Македонија.
МИА