Снабдување со лигнит и јаглен од рудниците во Грција во следниот период, снабдување со мазут, но и можност за грчка инвестиција со изградба на гасна централа до 200 мегавати, соопшти премиерот Димитар Ковачевски од Атина, веднаш по средбата со неговиот грчки колега Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.
Во изјава за македонските медиуми кои ја следат еднодневната работна посета во Грција, премиерот истакна дека во фокусот на разговорите со Мицотакис била енергетската криза и енергетската соработка во пресрет на тешката зима.
Откри дека на средбата, која поминала во позитивна клима, станало збор за конкретни договори сѐ со цел да има успешно справување со последиците од енергетската криза и војната во Украина.
За конкретните договори за снабдување со лигнит, јаглен и мазут преку Грција, потенцираше дека доколку има било какво ограничување за Грција, тоа нема да влијае на нас.
„Имавме неколку конкретни теми на кои разговаравме и на кои постигнавме договор со Република Грција. Прво, снабдувањето со лигнит и јаглен којшто доаѓа од рудниците во Грција ќе се одвива непречено во текот на целиот период, четвртиот квартал оваа година и првиот квартал идната година, со што ќе можат да бидат ставени во непречено функционирање производствените капацитети на јаглен во РЕК Битола и во РЕК Осломеј“, рече Ковачевски.
Втората тема на која постигнале договор, продолжи, е непречено снабдување со мазут преку Грција, како што рече, како што и досега имавме снабдување со цел непречено да може да функционира ТЕЦ „Неготино“, со што ќе се обезбеди снабдување на електрична енергија, исто така, и од овој капацитет.
„Важно беше да се договориме, со оглед на тоа што веќе се јавуваат недостатоци на енергенси и електрична енергија во цела Европа, да обезбедиме непречено снабдување со овие енергенси и доколку се случи било какво ограничување од извозот од Грција се договоривме дека такво ограничување нема да биде воведено за Република Северна Македонија“, подвлече Ковачевски.
Како што информираше тој, втората тема се големите проекти што се однесуваат на енергетската трансформација. Прво, во однос на изградбата на гасоводот преку Грција, интерконекторот „Евзони“ до Неготино, веќе е отпочната процедура за маркет тест што треба да ја покаже економската исплатливост на оваа инвестиција и со оглед на тоа дека веќе има понуди за закупување на капацитети на овој гасовод, доколку сѐ тече според планот, би требало изградбата да почне до крајот на годината.
„Втората најавена инвестиција од страна на грчки инвеститори е големата гасна централа со капацитет до 200 МВ која што тие изразија желба да ја градат во Северна Македонија. Веќе се отпочнати анализи и штом ќе бидат завршени ќе може оваа голема инвестиција да биде претставена на Влада и во Собранието како стратешка инвестиција која ќе треба да обезбеди дополнителни количини на електрична енергија за Северна Македонија, меѓутоа и за регионот“, истакна Ковачевски.
Тој додаде дека се разговарало и за проектот „Чебрен“ за кој, како што рече, веќе е отпочната процедура и после голем број на неуспешни обиди да има понуда и инвеститор кој е заинтересиран за изградба, конечно овој пат имаме понуда која е од ППС, грчката компанија.
„Таа ќе помине низ филтрите на евалуација од страна на комисија која што тоа го работи во рамки на нашите институции. И доколку евалуацијата покаже соодветност на понудата со очекувањата, тогаш, исто така, до крајот на годината може да очекуваме потпишување и на договор за изградбата на овој би рекол најголем енергетски капацитет во регионални рамки кои би се градел“, истакна премиерот.
Ковачевски посочи и дека неговиот колега Мицотакис изразил задоволство што земјава ги отпочнала преговорите со ЕУ и што „веќе сме на пат на полноправно членство“, давајќи ги на располагање капацитетите со кои располага Грција во делот на европските интеграции со оглед на тоа што тие се една од постарите членки на ЕУ, како и експертска помош.
Извор: МИА