Ковачевски: Не треба да бараме сензационализам во изведбата на „Во борба македонски народе“ во Крушево

Имавме државничко, величествено и исклучително достоинствено чествување на Илинден во Крушево и на сите други места, а по повеќе од декада, благодарение на водењето доброседски односи, се врати чествувањето и во манастирот „Св.Прохор Пчински“. Оттука, не треба да се бара сензационализам во изведбата на песната „Во борба македонски народе“ во Крушево, изјави премиерот Димитар Ковачевски во интервју на ТВ „Канал 5“.

На прашањето дали имало некаква цензура во чествувањето на празникот во Крушево при изведбата на „Во борба македонски народе“, Ковачевски рече дека тоа е аранжманот кој што се користи при такви настани во однос на песните. Вели дека не треба да се бара сензационализам во такво нешто, бидејќи, како што рече, тие што ги изведуваат песните и кои го подготвувале целиот настан се врвни професионалци кои се дел од нашите институции.

„Навистина не треба да бараме сензационализам во нешто каде што го нема“, потенцираше Ковачевски.

Како што рече тој во интервјуто, нашите предци го остварија сонот за независна држава, а на сегашните генерации е да ја внесеме државата во ЕУ.

„Ние низ историјата сме потврдиле дека можеме да носиме и тешки и големи одлуки, меѓутоа и дека сме вреден народ. Вие само ако погледнете во државата се произведуваат високософистицирани производи коишто ги прават македонски граѓани. Значи, јас верувам, ние имавме најбрзо интегрирање во НАТО и сметам дека ќе имаме и најбрзо интегрирање во ЕУ“, рече Ковачевски.

Извор: МИА

- Реклама -