Ковачевски: Не сме ја изгубиле и нема да ја изгубмие сајбер-војната со дојавите за бомби

„Ние како систем не сме ја загубиле оваа сајбер-војна и нема да ја загубиме“, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски во врска со дојавите за бомби.

„Оваа сајбер-војна и овие хибридни напади се дел од војната што се води во Украина и тоа веќе на сите ни е јасно, бидејќи не се случува само кај нас, туку и кај голем број држави членки на НАТО“, истакна Ковачевски, најавувајќи ја средбата со министрите за внатрешни работи и за образование и наука за да се разгледаат дополнителни мерки за справување со лажните дојави за поставени бомби во училиштата – средба што, како што соопштија од Владата попладнево, резултираше со усогласување на мерки и упатства за постапување при дојави за бомби.

Единствена цел на овие хибридни напади, рече Ковачевски, е внесување немир во земјава како членка на НАТО.

Тој потенцираше дека обврска на МВР е да ја гарантира и да ја обезбеди безбедноста на граѓаните.

„Согласно со процедурите, прописите и протоколите за борба против тероризам, бидејќи се работи за дојави за бомби, тие мора да спроведуваат процедури пропишани согласно закон, како и во сите други држави. За да се спречи напуштање на училиштата, МВР и МОН секојдневно работат со цел да се изнајде начин како да се спроведат процедури кои ќе обезбедат сигурност дека се работи за лажна дојава на бомба, а децата да можат да посетуваат настава. И јас сум родител и се соочувам со истите проблеми во однос на школувањето на децата. Не е нешто за што не знам што се случува, меѓутоа мора да верувате дека и МВР и МОН работат на решавање на овој проблем“, рече Ковачевски.

Извор: МИА

- Реклама -