„Владата во текот на целиот изминат период ја субвенционира цената на електричната енергија и со тоа не дозволивме да има ценовен шок за граѓаните. Така беше до сега, така ќе биде и од 1 јануари, но убаво е да се знае дека постои субвенција на цената на електрична енергија заради штедењето, бидејќи секој заштеден киловат од граѓаните, од стопанството и од институциите, значи и помалку потрошени финансиски средства од страна на Буџетот“, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски, во врска со графата за субвенционирана сума од страна на Владата на сметките за струја.
Според Ковачевски, не е пропаганда тоа што на сметките стои дека државата субвенционира 73 отсто од износот, бидејќи како што вели, се работи за тоа колкава е субвенцијата од страна на Владата, а не некаква субвенција од политички партии.
„Сметката ниту е пропаганда, ниту пак е флаер, туку е сметка за електрична енергија. Електричната енергија државата ја субвенционира за целиот регулиран пазар. Доколку се погледне цената на електричната енергија, на берзите во моментов е сигурно 300 евра, а минатата недела беше 500 евра. Намалена е затоа што во Западна Европа се божиќните католички празници, но кога ќе завршат и кога индустријата ќе почне да работи со полн капацитет, цената сигурно повторно ќе биде зголемена“, рече Ковачевски.
И од ЕСМ денеска се огласија со „објаснување“ во врска со оваа графа на сметките за струја.
„Во сметката за електрична енергија каде се прикажани примери за сметка и износ на субвенцијата која ја добива домаќинство се вкалкулирани: сумата која владата ја подмирува како разлика од актуелната субвенционирана цена на ЕСМ до производната цена на ЕСМ. Во пресметката е вкалкулирана и разликата од реалната цена за технички загуби која до сега Мепсо и Електродистрибуција ја обезбедуваа од берза а сега од ЕСМ по субвенционирана цена“, соопштија од компанијата.
ЕСМ произведува електрична енергија која ја испорачува на ЕВН за да ја дистрибуира до купувачите, односно до регулираниот пазар, составен од 600 илјади домаќинства и 70 илјади мали потрошувачи – мали и средни претпријатија кои вработуваат 98 проценти од вработените во државата, потсети Ковачевски.
„ЕСМ испорачува енергија која е практично субвенционирана од страна на Владата. Таа субвенција се носи во Буџетот и ѝ се префрла на ЕСМ за да набави енергенси и да произведе електрична енергија која потоа преку ЕВН се продава. Таа субвенција изнесува 73 проценти од цената на електрична енергија која граѓаните би ја платиле доколку не е субвенцијата од страна на државата до ЕСМ и преку ЕСМ до крајните потрошувачи кои добиваат електрична енергија“, додава премиерот.
Извор: МИА