Декомпозицијата на економскиот раст покажува дека инвестициите ќе имаат значајна улога во заздравувањето на економијата и нејзиното постепено интензивирање, вели заменик министерот за финасии – Димитар Ковачевски.
„Реалниот раст на бруто-инвестициите е проектиран на 8% во 2021 година, во услови на очекуван раст и на јавните и на приватните инвестиции. Потрошувачката, исто така, е предвидено да го поддржи растот на домашната побарувачка. Приватната потрошувачка се очекува да забележи реален раст од 4%, а растот на јавната потрошувачка е проектиран на 4.3%. Извозот се предвидува да забележи раст од 10.6%, а увозот раст од 11% на реална основа.
Во однос на реализацијата на Буџетот заклучно со мај 2021 година, Ковачевски вели:
„Можам да кажам дека имаме одлична реализација на приходите, а расходите генерално се реализираа редовно и навремено во рамки на предвидувањата и очекувањата.
Вкупните приходи во периодот јануари-мај 2021 година се реализирани во износ од 83.6 милијарди денари, што претставува 39.3% во однос на планираните за 2021 година и претставува раст од 13.9% – или во апсолутен износ од 10.2 милијарди денари во однос на истиот период од лани“.
Според експозето на Ковачевски, вкупните расходи на Буџетот на Република Северна Македонија во овој период од 2021 година се реализираа во износ од 95.5 милијарди денари, што претставува 38.6% во однос на годишно планираниот износ, односно раст од 3.5% во однос на истиот период од минатата година.
Најголемо учество во структурата на тековните расходи имаат трансферите, за кои во овој период биле исплатени 68.7 милијарди денари, што претставува 42.6% во однос на годишно планираниот износ.
„Фискалната политика и редизајнирањето на јавните расходи, со акцент на засилување на циклусот на јавни инвестиции и мерки насочени кон постигнување на забрзан, инклузивен и оддржлив економски раст, ќе има значително влијание врз инвестициската побарувачка, но и врз потенцијалот за раст“, нагласи Ковачевски.