Ковачевски го пречека државниот секретар на САД – Ентони Блинкен

Премиерот Димитар Ковачевски попладнево го пречека американскиот државен секретар Ентони Блинкен кој во Скопје допатува по повод учеството на 30. Министерски совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа – ОБСЕ, што се одржува од денеска до 1 декември.

-Топло добредојде во Скопје за американскиот државен секретар Антони Блинкен. На средбата попладнево уште еднаш ги истакнавме нашите одлични односи и разговаравме за поддршката која САД ја даваат во континуитет на Северна Македонија на нашиот пат кон полноправно членство во ЕУ и спроведувањето на потребните реформи, објави на Фејсбук премиерот Ковачевски.

„Република Северна Македонија е високо ценета како НАТО сојузник, но и во регионален контекст како фактор на стабилност на Западен Балкан“, вели Ковачевски во објавата.

„Државниот секретар го поздрави нашето успешно претседавање со ОБСЕ и конструктивниот пристап во реализацијата на агендата и адресирањето на предизвиците со кои се соочува Организацијата“, додава тој.

Како што соопшти владината прес-служба, на средбата, Ковачевски и Блинкен уште еднаш ги истакнале одличните односи меѓу двете земји и разговарале за поддршката која САД во континуитет ѝ ја даваат на земјава на патот кон членството во Европската унија и спроведувањето на потребните реформи.

„На средбата, премиерот Ковачевски оцени дека двете држави во континуитет негуваат продуктивен политички дијалог, кој е значајно продлабочен преку стратешкото партнерсто на Северна Македонија и САД“, се наведува во соопштението.

Ковачевски и Блинкен, се посочува, изразијле обострано задоволство од започнувањето на Стратешкиот дијалог меѓу двете земји, кој се очекува дека ќе ги продлабочи пријателските односи и подобри взаемните политички, економски и други форми на дијалог, образовни и културни врски.

„САД високо го ценат придонесот на Република Северна Македонија како НАТО сојузник, но и во регионален контекст како фактор на стабилност на Западен Балкан. Државниот секретар посочи дека САД ќе продолжат да ја поддржуваат Северна Македонија во нејзините следни чекори кои треба да го обезбедат членството во ЕУ и искажа голема почит за храбрите и државнички одлуки кои Владата ги презема за исполнување на таа цел“, се посочува во соопштението.

Државниот секретар, се додава, го поздравил успешното претседавање на земјава со ОБСЕ и нејзиниот конструктивен пристап во реализацијата на агендата и адресирањето на предизвиците со кои се соочува Организацијата.

Блинкен вечерва треба да учествува на неформалната вечера која му претходи на Министерскиот совет на ОБСЕ кој официјално почнува утре. Од Скопје доцна вечерва заминува за Блискиот Исток, во Израел.

Министерскиот состанок во Скопје го одбележува токму присуството на првите дипломати на САД и Руската Федерација Ентони Блинкен и Сергеј Лавров, што го прави еден од ретките настани на кој ќе се најдат двајцата на исто место од почнувањето на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година. Засега нема најава за средба на Блинкен и Лавров.

Блинкен и Лавров во Женева, јануари 2022, каде тема на нивниот разговор беше и Украина. Во февруари, на 24-ти, Русија ја нападна Украина

Виш функционер на Стејт департментот, пак, денеска изјави дека не очекува американскиот државен секретар Блинкен да има каква било средба со рускиот министер за надворешни работи Лавров за време на состанокот на ОБСЕ во Скопје, пренесе дописничката од Гласот на Америка од Стејт департментот.

-Не очекуваме средба, потврди функционерот од Стејт департмент на прашањето за можноста за каква било средба меѓу Блинкен и Лавров.

На самитот присуство потврди и високиот претставник на ЕУ за заедничка надворешна политика и безбедност – Жозеп Борел, кој вечер ќе биде примен од премиерот Димитар Ковачевски, по што двајцата ќе одржат заедничка прес-конференција.

Борел вчера нагласи дека ќе присуствува на официјалната вечера, но потоа ќе мора брзо да се врати поради други средби во Брисел. Тој најави дека нема да разговара со рускиот министер за надворешни работи, како и дека е завршена главната работа на новите европски санкции против Русија поради војната во Украина, за кои се надева дека соодветната одлука ќе биде усвоена во декември.

Извор: МИА

- Реклама -