„Зад нас оставaме исклучително тешка година на енергетски план, a пред нас e година исполнета со нови предизвици. АД ЕСМ во 2022 година се соочи со предизвикот да менаџира две големи кризи – кризата со електрична енергија и кризата со топлинска енергија“, вели во новогодишно обраќање генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, оценувајќи дека компанијата успешно ја извршила и ја врши нејзината мисија „во ова тешко време“.
„Обезбедуваме електрична енергија и топлина за граѓаните, за институциите, за стопанството, без ниту еден ден рестрикции“, потенцираше Ковачевски.
„Во 2022 година имаме зголемено производство за 27 проценти во споредба со претходната година. Планот за 2023 година е да се зголеми производството на електрична енергија за околу 20 проценти споредено со лани. Успеваме да ги ставиме во функција сите домашни производствени капацитети на електрична енергија, а со тоа се намалува зазвисноста од набавка на скапа струја. Домашното производство е најевтино и затоа го зголемуваме. Дополнително, во време на криза значително ги намалуваме трошоците за производство и непродуктивните трошоци. Така, успеваме да ја задржиме пониска цената на електричната енергија за граѓаните и малите бизниси“, рече директорот на АД ЕСМ.
Според него, изминатиот период компанијата покажала дека со добро менаџирање можат да обезбедат доволно количини на јаглен, мазут и природен гас.
„Имаме стабилни договори за набавка на енергенси, како и за останатите потреби за процесот на производство. Во време на енергетска криза, одговоривме на сите задолженија од страна на Владата. За граѓаните и малите бизниси обезбедивме 100 проценти електрична енергија, а со поевтина енергија снабдуваме и болници, училишта, водостопански претпријатија, прехранбени капацитети, како и поголем дел од виталните институции во државата“, истакна Ковачевски.
Осврнувајќи се на топлинската енергија за Градот Скопје, Ковачевски оценува дека АД ЕСМ успешно се справува со обезбедувањето на потребните ресурси и испораката на топлинска енергија.
Покрај тековната криза, посочи, паралелно се реализираат и инвестициите во обновливи извори на енергија. Тој потсети и дека е ставена во функција првата државна фотонапонска електрана во Осломеј, а се градат уште две со приватни партнери од странство. Во тек се подготовки за нови фотонапонски електрани во РЕК Битола, Тиквеш, Маврово и други локации.
„Се зголемува и капацитетот на Ветерниот парк во Богданци, а се подготвува и нов ветерен парк во Миравци. Во тек е третата фаза за ревитализација на хидропотенцијалот, а се очекува и успешна постапка за стратешки важната хидроелектрана Чебрен. Енергетската транзиција е во тек и засилено ќе ја продолжиме. Мора да се грижиме за нашето здравје, за здрава и чиста животна средина“, порача директорот на АД ЕСМ.
Воедно, Ковачевски им се заблагодари и на сите вработени во рудниците, термоелектраните, хидроелектраните, службите и менаџерскиот тим на АД ЕСМ, Владата, и на сите оние, како што вели, кои помогнале со својот влог и дополнителен ангажман да гсе надминат сите предизвици што ги донесе кризата.
„За новогодишните и божиќните празници, на сите што нѐ поддржуваа и тие што нѐ критикуваа, тие што ни помагаа и тие што ни одмагаа, им посакувам добро празнично расположение. Празнувајте енергетски одговорно, штедете ја електричната енергија“, заврши директорот на АД ЕСМ.
Извор: МИА