Ковачевски: Државата не смее уште еднаш да ја повтори грешката од 2008 година

Не смее државата уште еднаш да ја повтори грешката што ја направи во 2008 година кога тогашната влада наместо да гледа 100 години напред, тие решија да гледаат 2300 години назад. Наместо европеизација на државата, добивме лажна антиквизација на државата и беа носени Хунзи и чекани на аеродром, облечени како фалангата на Александар Македонски. Тоа беше научна фантастика, културен, историски, финансиски инженеринг што се правеше тука на еден квадратен километар, рече премиерот Димитар Ковачевски попладнево на седницата за пратенички прашања.

На прашање на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски зошто некој од Владата не постапил дипломатски и на самитот со ЕУ во Брисел не го повикал на кафе Радев, како што тоа го направил Шолц со Орбан за Украина и Молдавија да добијат кандидатски статус за ЕУ, премиерот одговори дека сите граѓани може да ги видат снимките од 19 јули 2022 во Брисел кога министерот за надворешни работи на Чешка, тогашен претседавач, на Првата меѓувладина конференција ги прогласил за почнати преговорите на земјава и ЕУ.

Во Преговарачка рамка, рече,  предвидено е Втората меѓувладина конференција да се одржи кога нашата земја ќе ја исполни обврската за вклучување делови од народи во Уставот, вклучително и бугарскиот народ.

Прочитајте и:  Средба на Сиљановска Давкова со Орбан: Како држава не гледаме алтернатива за интеграцијата и полноправното членство во ЕУ

-Петнаесет месеци имавме успешен скрининг кој покажа дека нашата држава има капацитет да спроведе процес за кој многу не веруваа…. Дојде оценка од ЕУ дека имаме успешен скрининг… Денес сме горди на земја членка на НАТО, горди на земја што преговара со Европска Унија, горди на земја што претседава со ОБСЕ…Денес немаме отворени прашања со соседите и имаме релакксирани меѓуетнички односи и тоа треба да се одржи, рече Ковачевски.

На Стојановски му рече „гледајте во Тетово што прави вашата коалиција, што правите со партијата Беса“.

-Едните против крстот, другите за крстот. Тоа го гледавме на Кале. На граѓаните не им треба тоа, им треба модерна земја, членка на Европската Унија, истакна Ковачевски.

Стојановски незадоволен од одговорот реплицираше дека премиерот го „банализирал идентитетот“ на еден народ, кога „оние од Бугарија и министерката за надворешни работи не пропушта можност да ви залепи банана на јавна сцена и да ви кажува дека ова не е единствената отстапка која ќе треба да ја направите“.

- Реклама -