Премиерот Димитар Ковачевски попладнево во Софија, на средбата со претседателот на привремената бугарска Влада – Галаб Донев, на која клучна тема беше справувањето со последиците од енергетската криза, договориле формирање работна група која треба да ги утврди техничките аспекти во врска со потпишување и склучувањето на договор во областа на електроенергијата за снабдување со количини во износ од 200 мегават-часа струја за потребите на земјава заклучно со март, следната година.
„Како одговорни политичари и влади ние имаме обврска пред граѓаните и пред стопанството да обезбедиме сѐ што е во наша можност да ги направиме условите најдобри, во време на ваква криза. Токму затоа сме денеска тука заедно со соседна Бугарија да се обидеме најдеме решение за снабдување со електрична енергија во текот на четвртиот квартал од оваа година и првиот квартал од идната година, под услови што ќе бидат оптимални за стопанството“, рече премиерот Ковачевски на заедничката прес-конференција во Софија со колегата Донев.
Ковачевски нагласи дека на средбата нашата делегација ги кажала деталите за она што го имаме како потреба која што доаѓа и од Стопанската Комора на Северна Македонија заради што и претседателот на Комората бил дел од делегацијата.
„Прво се договоривме заедно со Република Бугарија да формираме веднаш, во среда, работна група составена од министерствата за економија на нашата држава, Министерството за енергетика на Бугарија, како и ЕСМ и другите компани во рамки на Бугарија, каде што ќе се разговра за техничките параметри во однос на капацитетите и транспортот на електрична енергија, во однос на цените што ќе треба да бидат дефинирани согласно легислативата на Бугарија, согласно со директивитре и легислативата на ЕУ и согласно со легислативата на Северна Македонија. Исто така разговаравме и за количините што се потребни кај нас со оглед на тоа дека Бугарија е земја која е извозник на електрична енергија, благодарение на капацитетите коишто ги има, особено електрична енергија произведена од нуклеарна централа“, рече Ковачевски.
Станало збор и за поврзувањето со новиот интерконектор за гас што би бил направен во делот на поврзувањето со течен гас и во однос на капацитетите на постојниот интерконектор што го имаме со Бугарија, и за можностите за складирање течен гас во складиштата што постојат во Бугарија.
„Имавме состанок што беше одржан во духот на добра волја. Во таков дух на добра волја се надевам дека работната група што ќе почне да работи веднаш после празникот во Бугарија а пред нашиот празник, дека во наредните помалку од две недели ќе имаме решение кое ќе биде од обостран интерес, и на стопанствата и на едната и на другата држава“, рече Ковачевски.
Бугарскиот технички премиер Донев истакна дека на средбата двајцата одново ги потврдиле добрите оценки за создадените претпоставки за развојот на дијалогот помеѓу двете земји и тоа дека ќе работат на продлабочување на конструктивната соработка во сите области од заеднички интерес коишто се вклучувени и во Договорот за добрососедство и се она што е договорено помеѓу протоколите на меѓувладината комисија.
„Се договоривме да продолжиме со работа по сектори и со работни групи… Многу брзо одговоривме на апелот за помош од страна на Северна Македонија за решавање на главните предизвици што се јавуваат пред нив и кај нив во секторот за енергетика. Бугарија традиционално била и сѐ уште е лидер на Балканот и дискутирани беа и конкретни можности за соработка и во областа на електроенергијата и преносот на гас и бидејќи Бугарија има големи капацитети како за потребите на економијата, така и индустријата на Северна Македонија и за домаќинството, станува збор за 200 мегават часа пренос на електроенергија за периодот до 31 март 2023 година“, рече Донев.
Тој потврди дека од среда започнува Мешовитата група која што ќе ги изработи сите технички детали во рска со потпишување и склучувањето на договор во областа на електроенергијата, а станало збор и за поврзување на земјава на интерконекторот и терминалот којшто се гради во Грција, за преку Бугарија да може снабдувањата да бидат балансирани. Со тоа рече Донев, ќе се овозможи РСМ да црпи количини какви што се неопходни на дневна база, без да се создаваат дополнителни потешкотии во земјата и со природен гас.
Во македонската делегација се и министрите за надворешни работи Бујар Османи и за економија Крешник Бектеши, директорот на ЕСМ Васко Ковачевски, како и претставници од ресорите економија и енергетика.
Ковачевски во Софија ќе се сретне и со бугарскиот претседател Румен Радев. Покрај за енергетиката, се очекува на средбите да се разговара и за други прашања.
Извор: МИА