Ковачевски: Со членството во НАТО го задржавме континуитетот да сме на вистинската страна – патот на мирот и напредокот

„Да се биде на вистинската страна, значи да се избере патот на мирот и напредокот. Денес, повторно, нашата денешна битка е токму таква – да продолжиме по патот на мирот и прогресот, без да дозволиме кој било, што било и било кога да ни го попречи овој пат“, порача премиерот Димитар Ковачевски на централната манифестација во Куманово организирана по повод 11 Октомври – Денот на народното востание, кој оваа година се одбележува под мотото „Секогаш на вистинската страна“.

Осврнувајќи се на историјата, Ковачевски рече дека и во поновата македонска историја е задржан континуитетот да се биде на вистинската страна.

„Застанавме на вистинската страна и во 2018-тата година, со потпишувањето на Договорот од Преспа, по што станавме 30-тата полноправна членка на НАТО. Денес, во услови на мировните закани во глобален контекст, се сфаќа вистинското значење на оваа тешка, но единствено исправна одлука, со којашто ги зацврстивме територијалните граници на нашата држава на европската и светската мапа“, рече Ковачевски.

Прочитајте и:  Сиљановска Давкова лично и го честиташе изборот на Шекеринска за заменик-генерална секретарка на НАТО

Сега, додаде тој, сме соочени со предизвикот да ги реализираме и европските интеграции и да станеме полноправна членка на Европската унија.

„Европската Унија, јасно и гласно, во документите, преку европските лидери и на дело, во формалната комуникација што е достапна на сите граѓани, секојдневно, но и трајно го потврдува признанието на македонскиот јазик и македонскиот идентитет. Ја имаме целосната поддршка и во развојот на нашата мултиетничка граѓанска држава. Недвосмислено се почитува и нашето практикување на европски вредности во унапредувањето на добрососедските односи. Се вреднуваат и нашите определби со коишто се поставивме целосно на линија на политиките на ЕУ, во поглед на позициите во војната во Украина“, нагласи Ковачевски.

Порача дека Владата е подготвена да ја предводи државата на патот кон целосно зачленување во ЕУ, со целосна цврста и трајна заштита на националните и државните интереси.

Извор: МИА

- Реклама -