Измените на Законот за здруженија ги донесе Собранието со консензус, но без разлика дали одат на Венецијанска комисија или не, сите наши закони ќе бидат разгледани во текот на билатералниот скрининг што го имаме со ЕУ и потоа ќе претрпат усогласувања, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски, откако министерот за надворешни работи Бујар Османи најави дека, поради поплаките на Бугарија, ќе сугерира законот да биде испратен на оценување во Венецијанската комисија.
Во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција, Ковачевски нагласи дека не очекува овој Закон да претрпи усогласувања, бидејќи алудира само на тоа дека треба да се внимава на чувствата на нашите граѓани што се однесуваат на користење на имиња од периодот на Втора светска војна при организирање какви било клубови или трговски друштва.
„Мојот став е дека нам ни треба нов закон за здруженија на граѓани и Министерството за правда работи на изготвување на комплетен закон, што ќе ги вклучи сите политички партии и експерти. Уште стојам на ставот дека како основа треба да биде земено германското законодавство, кое на многу висок степен ги има решено здружувањата на граѓаните“, истакна Ковачевски.
Во однос на Културниот центар во Благоевград, тој посочи дека веќе разговарал со бугарскиот премиер Галаб Донев и штом ќе бидат испратени документите, а потоа и разгледани од властите на Бугарија, ќе може да се пристапи кон негово формирање и отворање на, како што рече, „соодветен начин“.
Министерот за правда Никола Тупанчески, пак, денеска изјави дека испраќањето на Законот за здруженија и фондации на мислење на Венецијанската комисија е од превентивни причини, во однос на примената на одредбите кои се изгласани во Собранието, за да не дојде до, како што рече, „несакани консеквенции кои во формална смисла би довеле до Европскиот суд за човекови права“.
Според него, европската пракса покажала дека закон може да биде проверен и по неговото донесување.
„Мислењето на Венецијанската комисија е добредојдено. Исходот не можеме да го прејудицираме. Можеби ќе оди во наш прилог. Факт е дека можеби добро би било оваа пракса да продолжи и во иднина, но тоа да биде пред донесувањето на законите, затоа што на некој начин е подобро да се реагира во таа фаза отколку кога ќе биде донесен законот, па после да добиеме пресуда од Европскиот суд за човекови права“, изјави министерот.
Извор: МИА