„Францускиот предлог“ за деблокирање на евроинтеграцијата на Северна Македонија претставува предлог на Европската Унија, бидејќи е прифатен со консензус од сите членки на ЕУ, ја доби и потребната политичка поддршка, како во бугарското, така и во македонското Собрание, изјави бугарскиот европратеник и известувач на Европскиот парламент за земјава, Илхан Ќучук, во гостување во емисијата „Ова утро“ на софиската телевизија бТВ Новините.
Во истата емисија, гостуваше и бугарскиот европратеник Андреј Ковачев и бТВ на својата интернет страница дел од неговите изјави ги пренесува како изјави на Ќучук.
Ќучук во својата изјава додава дека процесот на преговори меѓу ЕУ и земјава сѐ уште не е започнат бидејќи се чека да заврши скринингот, кој ќе потрае извесно време.
„Од бугарското искуство знаеме дека тоа трае од година и половина до две години и мора да се дадат оценките за тој скрининг“, изјави Ќучук, кој е од редовите на Движењето за права и слободи (ДПС) и во Европскиот парламент е член на либералната Пратеничката група „Обнова на Европа“.
Ковачев, од своја страна, наведе дека доколку лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, својата кампања ја води со ставови против Бугарија и се противи на вклучувањето на Бугарите во Уставот на земјата, тоа ќе го блокира патот на Република Северна Македонија кон ЕУ.
„За жал, во македонскиот Парламент, ‘францускиот предлог’ беше прифатен само со гласовите на владејачките партии. Опозицијата категорично се спротивстави на овој предлог и најави дека нема да гласа за измените на Уставот и вклучувањето на Бугарите во нивниот Устав. Ова, би рекол, е многу тажен развој на настаните“, вели Ковачев во изјавата, која бТВ ја пренесува како изјава на Ќучук.
Согласно „францускиот предлог“, преговорите на земјава по кластери и поглавја треба да почне по завршувањето на процесот на скрининг, но и по вклучувањето на Бугарите во Преамбулата на Уставот во редот на останатите делови од народи што живеат во државата.
Ковачев, кој е член на партијата Граѓани за европски развој на граѓаните (ГЕРБ) и на Пратеничката група на Европската народна партија (ЕПП) во Европарламентот, изрази надеж дека македонската опозиција ќе го промени својот став и ќе го отвори патот за преговорите на земјава со ЕУ.
МИА