„Ние сакаме полноправно членство во ЕУ за сите земји од Западниот Балкан. Тоа беше основната заложба и во нашето претседателство“, изјави бугарскиот европратеник Андреј Ковачев за „бТВ“, пренесува БГНЕС.
Сепак, „во однос на Република Северна Македонија, сметам дека не е европски да ги поддржиме манипулацијата и лагата. Мораме да ја победиме омразата која беше наталожувана во време на тоталитарниот режим“, додава тој. „Нормално е да побараме антибугарската реторика, особено во последните недели, да биде надмината. Тие треба да покажат храброст и да го направат тоа не затоа што тоа е бугарската позиција, туку затоа што одговара на историската вистина“.
Според Ковачев, надворешни фактори – како Белград и Москва, како и „пројугословенската елита со носталгија кон Тито“, не дозволуваат Бугарија да е најблиска со Северна Македонија и односите меѓу двете држави да бидат како оние, како што вели, меѓу Германија и Австрија, Грција и Кипар, Романија и Молдавија.
„Има огромна консолидација во бугарското општество, и тоа без оглед на партиската припадност“, истакна Ковачев, алудирајќи на истражувањето на јавното мислење спроведено од „Алфа рисрч“, порачано токму од европратеникот, според кое 84% од Бугарите сметаат дека Бугарија не треба да дозволи почеток на преговорите за членство на земјава во ЕУ сѐ додека не се надминат „историските манипулации“.