„Никола Димитров, очигледно ги заштитувате тие кои го уништуват мајчиниот јазик на стотици илјади Бугари од Македонија! Вие ја продолжувате политиката на културен етноцит започната уште во 1945 година“, реагира бугарскиот европратеник Андреј Ковачев на обраќањето на вицепремиерот за европски прашања – Никола Димитров, кој вчера на есенската сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа во Стразбур порача, меѓу другото, дека бугарската политика кон земјава не оди во прилог на пријателството туку кон антагонизам, како и дека неосновани се обвинувањата за дискриминација врз оние кои се декларираат како Бугари.
Според Ковачев, таквата политика на етноцит вклучувала и извесна наредба 2262 објавена на 7 мај 1946 година во Скопје, со која „наредено е да се уништат сите натписи, имиња и други ознаки на згради, споменици и цркви на бугарски јазик“, а истото се препорачувало и во црквите:
„Имајте во предвид дека е пожелно истото да го направите, и во најскоро време, да се уништат сите натписи на бугарски јазик во сите цркви. Внимателно да се прегледаат сите цркви и да се отстранат сите табли и плакати кои се закачени во црквите, како и сите предмети внатре, кои се напишани на бугарски јазик. Истовремено, се препорачува на свештенството, и во црквите и надвор од нив, да не се осмелуваат да ги читаат Апостолите и Евангелието, или какви било други молитви, на бугарски јазик…“, стоело во наредбата, според Ковачев.
Тој истакна дека дури и во тоталитарната комунистичка Југославија се нашле „храбри луѓе“ кои не ги рушеле, туку зачувале дел од бугарските споменици.
„Вие сега се обидувате и нив да ги избришете. Лажете на најбезобразен и најсрамен начин дека немало дискриминација кон оние кои отворено се декларираат како Бугари. Тие се предмет на закани, навреди и малтретирање. Се работи за стотици илјади граѓани! Колку јавно декларирани Бугари има во државната администрација? НУЛА!!! Колку Срби има? Не ви е на чест да лажете најбесрамно!“, му порачува Ковачев на Димитров, пренесува БГНЕС.