Користењето на кабиетото на првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, за средби на лидерот на ДУИ Али Ахмети со Ричард Гренел, за премиерот Димитар Ковачевски не е злоупотреба бидејќи бил присутен и домаќинот.
Според него, на средбата бил присутен и вицепремиерот Груби и тој одлучувал кој ќе повика на состанокот.
„Гледајте, прво, на таа средба присуствува и вицепремиерот. И на него е кој ќе повика на состанок во кабиентот. Кога имам јас состаноци тогаш доаѓаат гости коишто одржуваат состаноци, меѓутоа јас сум присутен во кабинетот, исто како што тој е присутен во својот кабинет. Сметам дека не е злоупотреба доколку луѓе користат канцеларија со домаќинот за состаноци“, изјави Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања по отворањето на Првата конференција за патна инфраструктура.
Пред неколку дена вицепремиерката задолжена за политики и добро владеење, Славица Грковска, рече дека е недозволиво престапување на кодексот и дека, како член на Влада, во овој случај нема механизам за постапување. Според неа, партиските и државните активности мора да бидат разделени.
Во петокот, Ахмети на својот Фејсбук профил објави фотографии од средбата со Ричард Гренел, која се одржала во Кабинетот на Груби. Гренел е поранешен специјален пратеник на поранешниот американски претседател Доналд Трамп за дијалогот Косово-Србија, како и некогашен шеф на американската Национална разузнавачка служба.
МИА