Коциќ: ВМРО-ДПМНЕ намерно создава атмосфера која оневозможува земјата побрзо да обезбеди вакцини

„Од почетокот на пандемијата со коронавирусот, од ВМРО-ДПМНЕ гледаме само неодговорно, деструктивно однесување на штета на јавното здравје, на штета на здравствениот систем. Тоа незрело, неодговорно дејствување на ВМРО-ДПМНЕ кулминира со конструирани случаи и денешното барање за отповикување на министерот за здравство доктор Венко Филипче“, изјави денеска пранитекот на СДСМ – Ненад Коциќ, како одговор на интерпелацијата што ја поднесе најголемата опозициска партија.

„Очигледно е дека Христијан Мицкоски и останатите функционери на ВМРО-ДПМНЕ се патолошки опседнати со провизии. Нема друго логично објаснување за нивното упорно ширење лажни вести. Изгледа сѐ уште живеат заглавени во филмот на нивниот режим, кога речиси и да не постоеше јавна набавка во која не постоеше провизија за ‘фамилијата’ и ВМРО-ДПМНЕ. Токму затоа и во напорите и обидите на Владата и Министерството за здравство да обезбедат вакцини, тие задолжително и по автоматизам гледаат провизија. Срамно е да се прават обиди за политичко профитирање преку креирање лажни скандали кои се поврзани со јавното здравје на сите граѓани, без разлика на етничка, верска и политичка припадност“, обвини Коциќ.

Од СДСМ обвинуваат дека во моменти кога во светот буквално се води трговска војна да се обезбедат вакцини, ВМРО-ДПМНЕ, заради теснопартиски интереси, свесно и со умисла му наштетува на угледот на државата.

„ВМРО-ДПМНЕ создава атмосфера на јавен линч на секој кој ќе се обиде да помогне во набавката на вакцините и со тоа намерно ги одвраќа економските оператори да бараат легални канали и да лобираат за земјата побрзо да обезбеди доволна количина вакцини за масовна имунизација на населението.

Прочитајте и:  ВМРО-ДПМНЕ: ЈО веднаш да постапи по Извештајот на ДЗР и да истражи каде завршиле над 200 илјади евра од Детска клиника

Буквално до пред некој ден на ВМРО-ДПМНЕ му пречеше тоа што наводно институциите биле спори во набавката на вакцини, а денес критикуваат зошто институциите прават напори да обезбедат вакцини од што е можно повеќе производители. Нека се одлучат што точно им пречи“, порачуваат од владејачката партија.

Според Коциќ, опозицијата едноставно не може да излезе од режимската матрица и сѐ уште наивно верува дека колку полошо е за граѓаните, толку подобро ќе биде за ВМРО-ДПМНЕ. ВМРО-ДПМНЕ, која од 2006 до 2016 година располагаше и потроши повеќе од 30 милијарди евра народни пари, нема кредибилитет било кого друг да обвинува за провизија, вели тој.

СДСМ обвинува дека ВМРО-ДПМНЕ е против интересите и здравјето на граѓаните и со тоа што во Собранието, преку блокади, се обидува да ги спречи сите важни процеси. Според Коциќ, она што им пречи е високата доверба што граѓани ја имаат во министерот Филипче и целиот здравстен систем (кои покажале како треба да се справува во една здравствена пандемија), а тоа произлегува од фрустрацијата што ВМРО-ДПМНЕ не можат да го одбранат криминалот во својата партија, сега кога правдата ги стигнува и недопирливите.

Интерпелацијата против Филипче ќе биде само уште нов дебакл на партијата предводена од докажаниот губитник Мицкоски, порача Коциќ.

 

- Реклама -