Костените како симбол на есента и извор на топлина, здравје и уживање

Ништо не потсетува на есен како топлите костени. Мирисот на костен, без разлика дали е печен или варен, секогаш создава чувство на удобност и топлина.

Костените се појавуваат и се консумираат уште од праисторијата во Медитеранот и Азија. Првично, тие се одгледувале во Кина, Јапонија, а потоа римските легии ги донеле во Европа. Познато е дека на улиците на Рим во далечниот 16 век се продавале печени костени, па опојниот мирис и тогаш се ширел низ улиците на градот, исто како и денес.
Костенот има црвено-кафеава боја и има мазна површина. Расте во шилеста обвивка која се расцепува наесен кога плодот зрее. Костените спаѓаат во групата на јаткасти плодови, но се разликуваат од нивните роднини (ореви, бадеми и лешници) по тоа што имаат помала содржина на маснотии и висока содржина на скроб и се единствените кои содржат витамин Ц.
Костените се карактеризираат со посебен текстура и сладок, благ вкус. Познати се стотина различни видови на костени. Тие се генерално поделени на питоми и диви. Оние кои се питоми се јадат. Од друга страна, дивиот костен, кој за жал не се јаде, има лековити својства. Најчесто се споменува како помошно средство за проширени вени и оштетување на капиларите, а неговите екстракти се користат за подготовка на лековити препарати.
Хранлива вредност на костенот
Во однос на нутритивниот состав, костенот е сличен на кафеавиот ориз и е одличен извор на елементи во трагови (минерали кои ни се потребни во многу мали количини). Протеините не им се јака страна, но затоа се многу богати со скроб, а од овие плодови може да се направи и брашно. Костенот е единственото јаткасто овошје кое содржи витамин Ц, а е и одличен извор на витамин Б6. Костените се и добар извор на калиум и фолна киселина, како и на диетални влакна неопходни за правилно функционирање на дигестивниот систем. Костенот е храна со малку поголема енергетска вредност, бидејќи 100 грама печен костен содржи околу 245 калории. Иако плодот од костен е многу хранлив, тој е доста тежок за варење. Интересно е што печените костени содржат повеќе витамини, а варените костени повеќе минерали.
Како да изберете добри костени?
При купувањето на костени треба да се внимава на тоа дали плодовите се поголеми, сјајни, без дупки на лушпата, што е знак дека нема непожелни ларви. Кога ќе ги земеме во раце, нивната маса мора да одговара на нивната големина, а при тресење не смеат да имаат шуплив звук. Костените треба да се чуваат на ладно место до две недели, а корисно е да се провери дали на одредени костени се појавиле дупки и потоа таквите плодови да се одвојат.
Костените како лек
Високата енергетска вредност поради високата содржина на скроб ги прави костените одличен избор за спортисти, луѓе изложени на физички напор и деца. Со оглед на тоа дека се богати со калиум, а истовремено и со малку натриум, костените одлично се вклопуваат во исхраната на луѓето со кардиоваскуларни и бубрежни заболувања. Исто така, диеталните влакна во нив може да им бидат од помош на сите луѓе со неправилна столица.
Чајот од листовите од костен е познат народен лек за респираторни проблеми како бронхитис и астма.
Подготовка на костени
Гастрономската апликација оди многу подалеку од едноставно уживање во варени или печени костени. Опсегот на јадења со костени е разновиден и се протега од супи до главни јадења до десерти и печива. Костените често се додаваат во салати и јадења со тестенини. Во многу земји ширум светот Божиќ е незамислив без мисирка полнети со фил од костени. Освен што се ужива со шлаг, пирето од варени костени (поради конзистентноста слична на компирот) се користи и како фил за разни теста. Се користи и при подготовка на сосови кои се служат со дивеч. Печените костени може да се исушат и сомелат во брашно, што дава богата и вкусна кора при подготовка на колачи и пити.

Извор