Костадиновска-Стојчевска му одговори на Лефков: Во Виена бев за меѓународна изложба и сместувањето беше поевтино од хотел

„Тие сакаат постојано да се занимаваме со нивните лаги. Ако има нешто незаконско нека ме тужат, но бидејќи нема се служат за конструкции“, пишува ексминистерката на Фејсбук

Отворање на Мултикултурна изложба претставена од уметнички дела на повеќе од педесет македонски уметници е причината поради која ексминистерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска присуствувала во Виена на почетокот на декември минатата година. Образложението го даде самата Костадиновска-Стојчевска во објава на нејзиниот фејсбук-профил откако денеска пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков го продолжи серијалот со обвинувања за нејзините наводни трошења на народни пари.

„Службеното патување има причина и цел, која може да се види и на линкот, отворање на Мултикултурна изложба претставена од уметнички дела на повеќе од педесет македонски уметници“,

пишува таа во објавата.

Лефков на денешната прес-конференција рече дека таа за само четири дена во Виена потрошила 3 061 евро народни пари, за луксуз и раскош.

Пратеникот Лефков презентирајќи документи за кои тврдеше дека се доказ за неговите наводи рече дека Костадиновска-Стојчевска од 07.12.2023 година до 11.12.2023 година, сама престојувала во Виена и оти наместо да изнајми хотелска соба, таа со службената картичка со народни пари изнајмила трособен стан од 70 квадратни метри во центарот на Виена.

Обвинувањата на Лефков се дека за само четири ноќи ексминистерката платила 1 213 евра или 74 599 илјади денари за трособниот стан, а во непосредна близина имало елитни хотели каде ноќевање со појадок чинело, како што рече, 9 000 денари.

На ова Костадоновска-Стојчевска рече дека за службеното патување било избрано многу поевтино сместување од хотел.

Според неа, нејзиното сместување било поевтино од луксузни бизнис карти за кои вели дека ги плаќале Мицкоски и неговите министри и што биле од 20 000 евра.

„Дефокусот за нивното досегашно трошење и аздисување на Гаши и неговите сватови, како и немањето изговор зошто во буџетот најдоа пари за општините на своите градоначалници, но не и за наставниците и покачувањето на минималната плата, ДПМНЕ со вакви напади кон мене на драматични пресови ја дефокусираат јавноста“,

пишува Костадиновска-Стојчевска во објавата.

Таа, како и пред неколку дена откако ВМРО-ДПМНЕ првпат ја обвини за трошење на народни пари, и денеска ги повика доколку има нешто незаконско да ја тужат.

„Тие сакаат постојано да се занимаваме со нивните лаги. Ако има нешто незаконско нека ме тужат, но бидејќи нема се служат за конструкции“,

додава таа.

За да отпатува во Виена, како што додаде Лефков, поранешната министерка купила повратна авионска карта од Охрид до Виена за 385 евра кои ги платила првo приватно, а потоа од Министерството за култура ги подигнала парите во кеш, како репрезентација.

Лефков ја повика Костадиновска-Стојчевска да одговори што правела во Виена, која била потребата од тоа патување и зошто наместо луксузен трособен стан не изнајмила поевтина хотелска соба.

Претходно од ВМРО-ДПМНЕ ја обвинија поранешната министерка за култура дека во Лондон со државни пари купувала куфери, подароци и чорапи.

Костадиновска-Стојчевска ги отфрли како лаги и манипулации обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ. Според поранешната министерка, вистината е дека дел од трошоците што биле презентирани се однесуваат на потреба да обезбеди основни услови за нормално функционирање на службено патување на кое авиокомпанијата и го изгубила багажот.

- Реклама -