Костадиновска-Стојчевска: Денес сме во НАТО и на дофат до ЕУ, претседателот Трајковски и сега не би се двоумел што е најисправно да се направи

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска во Ротимље, близу Мостар, Босна и Херцеговина, по повод 20-годишнината од загинувањето на поранешниот претседател Борис Трајковски и неговите соработници, на спомен-обележјето каде што се случи несреќата истакна дека Трајковски беше доблесен и храбар политичар, претседател со визија за иднината на државата.

– Ова место е потсетник за сите генерации дека Македонија имала и има доблесни и решителни луѓе кои следејќи ја својата визија, својот сон, имаа храброст да гледаат во иднината – потенцираше министерката за култура, додавајќи дека денес нашата земја е членка на НАТО и на дофат и е членството во Европската Унија.

Зборувајќи за одлучноста и изнаоѓањето мирни решенија, Костадиновска-Стојчевска потсети дека кога Република Македонија сè уште ги зацелуваше раните од конфликтната 2001 година, околу претседателот Трајковски се обединија разумните, и од власта и од опозицијата, за преку дијалог да се постигне компромис.

– Визијата на Трајковски ме остава во уверување дека и сега тој не би се двоумел што е најисправно да се направи иако и самиот знаел дека луѓето со визија се осудени да бидат подоцна разбрани – рече Костадиновска-Стојчевска.

Министерката за култура додаде дека Трајковски водеше интензивна дипломатска активност во која не ги штедеше ни личните пријателства, со што Република Македонија ја врати на меѓународната сцена како фактор на мирот на Балканот.

− И покрај одредени изјави дека нашиот од кон Брисел е „тропање на затворена врата“, тоа не ги поколеба ни Трајковски ни тогашната влада. Заемната далековидост ја водеше земјата до стратегиските цели – НАТО и Европската Унија − рече Костадиновска-Стојчевска, нагласувајќи дека затоа ова спомен-обележје не е само паметник на трагичниот миг.

На Ротимље присуствуваа и оддадоа почит претставници на Претседателството и на Советот на министри на Босна и Херцеговина, претставници на Град Мостар и на Воздухопловството на БиХ, а се обрати и заменик-министерот за безбедност на Босна и Херцеговина, Ивица Бошњак, кој рече дека  претседателот Трајковски секогаш нудеше решенија и работеше на јакнење на односите и соработката во регионот.

– Токму поради тоа, и дваесет години по неговото трагично загинување со огромен респект се присетуваме на големиот пријател и жалиме што загубивме искрен заговорник на еден подобар, попросперитетен и стабилен регион – истакна Ивица Бошњак.

Тој додаде дека заминувањето на Трајковски е загуба не само за Северна Македонија, туку и за регионот и за Босна и Херцеговина која секогаш ќе го чува споменот за човекот кој работеше на поврзување и зајакнување на соработката.

Во Ротимље беше оддадена почит на  поранешниот претседател Трајковски и на членовите  на неговиот кабинет, соработници, обезбедувањето и екипажот на владиниот Кингер: Димка Илкова Бошковиќ, Ристо Блажевски, Миле Крстевски, Анита Лозановска, Борис Велинов, Аце Божиновски, Марко Марковски и Бранко Ивановски, чии животи згаснаа на 26 февруари 2004 г.

Во македонската владина делегација, освен министерката за култура Костадиновска-Стојчевска, во Ротимље денеска беа и Каја Шукова, министерка за животна средина и просторно планирање, претставници од Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија, полковник Билјана Блажеска, аѓутант на Претседателот на Република Северна Македонија, пратеници од македонското Собрание, како и претставници од Армијата на Република Северна Македонија ЕУФОР-БиХ.

Интегрално обраќање на министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во Ротимље:

„ 26 февруари 2004-та требаше да биде свечен ден.

Република Македонија, во Даблин, се подготвуваше за историски настан – предавање на акредитацијата за членство во Европската Унија.

Но, утрото осамна со вознемирувачка вест. Авионот на Претседателот исчезна од радарот на небото над Босна и Херцеговина. Во карпестиот атар на Ротимље, тоа утро обвиен со густа магла, згасна животот на претседателот Трајковски, на членови на неговиот кабинет, соработници, обезбедувањето и екипажот на владиниот Кингер:

Димка Илкова Бошковиќ, Ристо Блажевски, Миле Крстевски, Анита Лозановска, Борис Велинов, Аце Божиновски, Марко Марковски и Бранко Ивановски.

Празните места предвидени за македонската делегација на меѓународниот форум во Мостар ја навестуваа лошата вест.

Овој пат кобната кота 524 ја предизвикуваше историјата.

Република Македонија сè уште ги зацелуваше раните од конфликтната 2001 година во која околу претседателот Трајковски се обединија разумните, и од власта и од опозицијата, за преку дијалог да се постигне компромис.

„Рамковниот договор не е совршен, но ниеден договор никогаш не бил. Но, тоа е најдоброто нешто што го имаме сега“ – ќе рече претседателот Трајковски, потенцирајќи дека алтернатива на мирот е војната чие продолжение би предизвикало поделби, масовни жртви, страдања и губење на перспективите на државата.

За неполни 2 години, по интензивна дипломатска активност во која и претседателот Трајковски не ги штедеше ни личните пријателства, Република Македонија се врати на меѓународната сцена како фактор на мирот на Балканот.

И покрај одредени изјави дека нашиот од̕  кон Брисел е „тропање на затворена врата“, тоа не ги поколеба ни Трајковски ни тогашната влада. Заемната далековидост ја водеше земјата до стратегиските цели – НАТО и Европската Унија.

Затоа ова спомен-обележје не е само паметник на трагичниот миг. Ова е потсетник за сите генерации дека Македонија имала и има доблесни и решителни луѓе кои следејќи ја својата визија, својот сон, имаа храброст да гледаат во иднината.

Денес нашата земја е членка на НАТО и на дофат и е членството во Европската Унија.

Визијата на Трајковски ме остава во уверување дека и сега тој не би се двоумел што е најисправно да се направи иако и самиот знаел дека луѓето со визија се осудени да бидат подоцна разбрани.

„Јас верувам во граѓаните на Република Македонија и убеден сум дека сите заедно ќе го направиме она што историјата, но уште повеќе, иднината го бара од нас“.

Така говореше претседателот Трајковски. Нека почива во мир!

Нека почиваат во мир и неговите сопатници!

Слава им!“

- Реклама -