Костадинов: Мицкоски се однесува ко да се борел во Втора светска војна, а стража има чувано само кај Груевски

Откако Силјановска во интервју покажа дека баш и не знае колку војници брои Армијата, на која таа ќе биде врховен командант ако биде избрана за претседател, а СДСМ, преку својот портпарол Костадин Костадинов, оцени дека тоа е елементарно, несериозно и недозволиво непознавање за еден претседателски кандидат, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ од митингот во Кратово реши да „удри“ токму по Костадинов, т.е. „младото момче кое честопати држи прес-конференции пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ“, како што го нарече.

Пред кратовчани, Мицкоски порача:

„Прашуваат за армијата. Еве јас ќе го прашам тоа младо момче дали знае што е утринска смотра, дали знае тоа младо момче што е пожарство, дали знае тоа младо момче што е стража на минус 20 степени во пола метар снег. Ако не знае, можеби ќе има можност да го праша својот идол Зоран Заев, но сигурно ни Зоран Заев нема да му даде одговор, затоа што кога требаше да се отчести кон народот и државата, извади лажна медицинска белешка само за да го избегне служењето на воениот рок“, обвини Мицкоски, додавајќи дека тоа не им било пречка на Заев и неговите поддржувачи да ја обесчестат АРМ и гардата.

Потоа Мицкоски раскажа дел од својата армиска кариера:

„Јас бев во првата гардиска чета на македонската гарда и секогаш, без исклучок, кога доаѓале странски дрѓавници и кога сме ги испраќале или пречекувале нашите државници, беше интонирана и со гордост, со крената глава слушана македонската химна. Но, овие денеска што поставуваат прашања, ќе треба еден ден да одговорат зошто се срамеа да слушаат дека ‘Денес над Македонија се раѓа’ и дека ‘Македонците се борат за своите правдини’. Зошто не ја построија македонската гарда, зошто не го построија воениот оркестар да ја интоира македонската химна?“, праша Мицкоски.

Прочитајте и:  Мицкоски за Денот на албанската азбука: Писменоста и образованието не се луксуз, тие се основни права и патот до трансформација на општеството

Денеска, на друштвената мрежа Фејсбук, Костадинов се огласи со свој одговор:

„Христијан Мицкоски ме спомнал на митинг, зборувал околу некаква смотра, па да му одговорам.

Делегираниот послушник Христијан Хидро Мицкоски се однесува небаре учествувал во Втората светска војна, па дели лекции за тоа што е воена служба.

Мицкоски може да дели совети само за неговото слугување кај неговиот татко, како асистент.

Стражата сите ние знаеме како ја разбира Мицкоски, како чувар на столче, и одбрана на криминалот на Никола Груевски.

Тој тоа добро го знае затоа што редовно оди на смотра во Будимпешта.

Клучното прашање кое не го знае Мицкоски е како и се служи на државата, тој е прегазен од служењето на Груевски“.

- Реклама -