Косовската полиција потврди дека од утре почнува да казнува, Столтенберг порача дека ескалацијата мора да се избегне

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денеска разговарал со високиот претставник на ЕУ – Жозеп Борел, јави дописникот на МИА од Белград.

„Разочарани сме што не беше можно да се реши спорот за регистарските таблички. Сега е време за одговорност и прагматични решенија. Ескалацијата мора да се избегне“, напиша Столтенберг на Твитер.

Денеска во Брисел се одржа трилатерална средба меѓу премиерот на Косово – Албин Курти, претседателот на Србија – Александар Вучиќ и Жозеп Борел. Премиерот Курти го отфрли предлогот на ЕУ за регистерските таблички, а Србија, пак, го прифати. Предлогот на ЕУ беше Косово да не ја започне фазата на казнување, додека Србија повеќе да не издава КМ таблички.

Курти по средбите изјави дека Борел се откажал од предлогот на ЕУ за целосна нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, што беше демантирано од портпаролот за надворешни работи на ЕУ, Петер Стано.

Претседателот на Србија – Александар Вучиќ, вечерва во обраќање до нацијата, изјави дека врз основа на разузнавачките податоци, ситуацијата на северот од Косово е на работ на конфликт и ги повика Србите на Косово да се обидат да го зачуваат мирот.

Прочитајте и:  Мицкоски за барањето на Ахмети: Косово да интервенира кај уставните судии кои ДУИ и СДСМ ги избраа? Шокантно

Во меѓувреме, српскиот јавен сервис РТС вечерва објави дека полицијата во Приштина потврдила дека од утре во 08:00 часот ќе почне со казнување на возачи од Косово кои имаат српски регистарски таблички со почетните букви на градовите во Косово, пренесе Бета.

„Спроведувањето на одлуката за изрекување казни согласно важечките закони, според проценката и планот на полицијата, се очекува да почне на 22 ноември во утринската смена“, соопшти косовската полиција.

Некои медиуми на албански јазик објавија, но оваа информација не е потврдена, дека на специјалните полициски единици на Косово им е наредено да се подготват за преселба на север.

Во попладневните часови од базата Белведере на југот на Митровица кон север се забележани движења на специјалните единици во оклопни возила, каде вообичаено се наоѓаат четири бази на мобилните единици на граничната полиција, пренесе Бета.

Командата на мисијата ЕУЛЕКС и КФОР посочуваат дека нивните припадници, иако се присутни на терен, не можат да ја преземат улогата на полицијата и дека тоа не е во нивниот мандат, јави РТС.

Извор: МИА

- Реклама -