Косово се жали во ФИФА за „навредите и расистичките повици кон Албанците“ на мечот на Србија со Швајцарија

Фудбалската федерација на Косово (ФФК) соопшти дека поднела жалба во светската фудбалска федерација – ФИФА, поради навредите и расистичките повици против Албанците од страна на селекторот Владимир Стојковиќ и на навивачите на Србија на натпреварот против Швајцарија на Светското првенство во Катар, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во соопштението на ФФК се наведува дека од ФИФА е побарана истрага за случувањата на натпреварот меѓу Србија и Швајцарија и побарани се санкции кон Фудбалската федерација на Србија, додека скандирањата на Србите на стадионот во Катар се оквалификувани како „фашистички“.

„Појавата на слогани со политички пораки и расистичките повици против Албанците се слушаа во текот на речиси целиот натпревар и за тоа известија и светските медиуми. Бесмислена е и апсурдна омразата со која со години се храни јавноста во соседната држава кон Албанците воопшто, наместо да се заложат за пружање рака на помирување и барање извинување“, се вели во соопштението.

ФФК информира дека жалбата, „поткрепена со потребните докази“, е поднесена неколку дена по онаа за објавата на плакати во соблекувалната на српската репрезентација, на кои беше исцртана картата на Косово прекриена со боите на српското знаме и со пораката „нема предавање“.

Прочитајте и:  Вучиќ презадоволен од разговорот со Трамп: Нема да верувате, тој дури зборуваше и за спортските успеси на Србија

Косовските медиуми наведуваат дека освен скандирања како „Косово е Србија“ и „Убиј, заколи, Шиптар да не постои“, и селекторот на српската репрезентација се слушнал како им ја псуе „мајката шиптарска“ на противничките фудбалери, за што известија и медиумите во Србија. Стојковиќ ја упати псовката прославувајќи го голот со кој неговата репрезентација премина во водство со 2:1, меѓутоа Швајцарија, за која играат капитенот Гранит Џака и голгетерот Џердан Шаќири, кои се по потекло од Косово, подоцна постигна уште два гола и со конечен резултат 3:2 се пласира во осмина финалето и ја елиминира Србија од СП. Истото се случи и на СП во Русија пред четири години, кога токму со головите на Џака и Шаќири кој и завчера реализираше, Швајцарија го прекина учеството на Србија на шампионатот уште во групната фаза, како и сега во Катар. И во Русија Србија водеше, но Швајцарците направија пресврт и натпреварот заврши со 2:1.

Извор: МИА

- Реклама -