Косово и Македонија преговараат за размена на јаглен и струја

Извршниот директор на Косовската енергетска корпорација (КЕК), Нагип Красниќи, најави дека наскоро ќе биде објавен тендер за продажба на јаглен, а дека меѓу оние што пројавиле интерес за купување е енергетската корпорација на Северна Македонија – ЕСМ, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во синоќешното интервју за приштинската КТВ, Красниќи изјави дека и досега постоеле преговори меѓу корпорациите на двете земји за размена на јаглен и електрична енергија, но дека нема конкретни договори. Тоа, според Красниќи, меѓу другото, се должи и на големата побарувачка за струја во Северна Македонија.

Тој вели дека КЕК ги информирала македонските партнери оти ќе биде објавен тендер, додека тие изразиле интерес за купување на косовскиот јаглен.

„Сме разговарале со водачите на македонската енергетска корпорација за можноста од размена на јаглен и електрична енергија, но во моментов не гледаме многу можности да ја реализираме таа размена, затоа што и тие имаат големи побарувачки за електрична енергија. Меѓутоа, разговорите продолжуваат и во иднина може да очекуваме нешто такво. Тоа што се договоривме е да објавиме тендер за продажба на јаглен и тие изразија интерес да дојдат и да купат јаглен од нас“, рече Красниќи.

Прочитајте и:  Османи: Секое загрозување на правата на Албанците во С. Македонија ќе наиде на решително противење и единство на Албанците од цел Балкан

Тој додаде дека критетриумите на тендерот се определени, но дека подоцна „пазарот ќе каже која ќе биде цената на продажбата“ на косовскиот јаглен.

„Во однос на размената не е дека сме направиле некаков договор, бидејќи и тие (македонската страна) во моментов немаат доволно електрична енергија“, рече Красниќи.

Тој напомена дека Косово, сепак, не е подготвено за извоз на големи количества на јаглен, а ги негираше и наводите во некои медиуми дека имало барања за увоз на јаглен од Србија.

„Нашата опрема и сета инфраструктура не се подготвени за извоз на големи количества јаглен, меѓутоа барања на пазарот има поради светската енергетска криза. До нас како корпорација не е стасано ниедно барање од никого од Србија кој би барал јаглен“, рече Красниќи.

МИА

- Реклама -