Досега сме имале милион примери дека животот во Северна Кореја е прилично поразличен отколку остатокот од светот, а особено оној свет што ние го знаеме. Меѓутоа, кога се работи за глобално популарен спорт, како во случајов – кошарката, човек би помислил дека сеедно е каде се игра, и дека освен некоја ситна финеса (оддалеченоста на линијата за тројка во NBA vs. европска кошарка, на пример), поголеми разлики е лудо да се очекуваат.
Не, лудо е да очекувате во Северна Кореја да биде исто. Нивните кошаркарски правила, конкретно, тотално ја менуваат играта што ние ја знаеме како „кошарка“.
Имено, за секое забивање, тимот добива 3 поени, а не вообичаените 2.
Понатаму, ако погодите тројка без топката да го допре обрачот (ака. „без коски“), добивате 4 поени, а не 3.
Ни слободните фрлања во Северна Кореја не се слободни. Со секое промашено, тимот губи по 1 поен.
Меѓутоа, црешата на шлагот е правилото што важи во последните 3 секунди од натпреварот. Губите со 7 разлика? Без гајле, сé уште можете да победите. Зашто зборуваме за Северна Кореја, а во Северна Кореја „тројка“ во последните 3 секунди ви носи 8 поени!