Скопје, 3 ноември 2021 (МИА) – Доколку сакаме младите да ги мотивираме да бидат општествено активни, како и да гласаат на изборите, основно е да ја прифатиме речиси неограничената слобода која тие денес можат да ја имаат, истакна комуникологот Бојан Кордалов во петтата епизода од подкастот „Европски муабети“ кој е организиран од страна на Младинскиот сојуз, а во соработка со Europe House – Скопје, како и со поддршка од Делегацијата на Европската Унија. Модераторка на оваа епизода е Нина Јовановска.
„Таа слобода произлегува од речиси неограничените можности кои дигитализацијата и интернетот им ги овозможуваат на сите, а особено на младите луѓе: работа и учење од дома, соработка со компании кои се оддалечени илјадници километри преку користење на дигиталните платформи… И затоа е денес тешко на една млада личност да ѝ објасните зошто не е возможно ако денес сака да работи од дома или од парк на пример. Или, пак, дека работата единствено може и мора да ја заврши во одредено време од денот, пример од 7 до 15 часот. Едноставно, тоа е тешко бидејќи слободата што интернетот ја дава не ги наметнува ваквите ограничувања, односно овозможува пристап до учење, работа и каква било комуникација на флексибилен начин, особено во планирањето на секој на своето време во текот на денот“, вели Кордалов.
Како што соопшти Младински сојуз – Крушево, Кордалов смета дека проблемот со недовербата од страна на општеството кон младите луѓе и нивното третирање дека се само достојни да слушаат, да бидат нечии калфи или записничари, односно дека ги бидува само за купување на појадок и варење на кафе, веќе си го зема својот данок.
„Ако сакаме здраво и демократски општество мора да ги поттикнуваме младите да размислуваат критички, да бидат љубопитни и да ги предизвикуваат авторитетите. Бидејќи доколку не создадеме целосно демократско општество, тогаш младите никогаш нема да добијат вистинска шанса. Со младите општеството не смее да комуницира со наратив кој и понатаму само ги учи и им наредува како треба да постапуваат, да се однесуваат и како да мислат. Од едноставна причина што младите имаат право да се обидат и да погрешат. Бидејќи ако не погрешите кога сте млади, кога?“, прашува Кордалов во подкастот на Младински сојуз.
Комуникологот истакнува дека најголемото прашање не е иселувањето на младите, иако според него тоа е огромен проблем. Многу поголем предизвик за целото општество е фактот што на сите релевантни истражувања, речиси и да не постои млада личност која перспективата ја гледа во својата земја. Затоа, вели Кордалов, ни требаат активни млади луѓе не значи само во политиката, туку и во граѓанскиот сектор, неформалното образование, културата, спортот и слично. Како пример за политичко учество и активизам тој ги посочува и театарската претстава или некој младински подкаст или видео производ преку кој младите изразуваат критика или афирмација на одредени општествени појави.
„Мора да им помогнеме и овозможиме младите да си ја најдат својата перспектива. А, таа во огромна мера веќе ја лоцираат во дигиталните вештини. Имено, според македонската статистика, просечната плата во ИТ индустријата достигна неверојатни 73.800 денари или нешто повеќе од 1.200 евра. Ако како општество им мислиме добро на нашите млади, ако сакаме денешните генерации млади да не ги живеат проблемите на денешницата како што се предизвиците поврзани со ниски плати, егзистенцијални проблеми и апатичност, мора да ги оставиме да го трасираат својот пат и да вложуваат во дигиталните вештини“, посочи Кордалов, кој од неодамна беше избран и за претседател на Советот за дигитална трансформација на Западен Балкан при германскиот Институт Хајделберг со седиште во Скопје.
Ако сакаме да бараме решија за проблемите и се што ги засега младите луѓе, мора да ги вклучиме нив. На пример, доколку нешто ги засега средношколците, ќе ги прашаме токму средношкоците за да одлучат за најдобрите решенија итн. Ние можеме да бидеме само поддршка на процесот и да модерираме, но не и да го водиме главниот збор и да одлучуваме во нивно име. Истото треба да се случува и кога сакаме да ги адресираме предизвиците поврзани со родовата еднаквост.
Комуникологот Бојан Кордалов нагласува и дека колку повеќе се гушат амбициите на младите луѓе и им се уништува ентузијазмот, толку побрзо ќе останеме земја на пензионери и администрација. Според него станува евидентно дека политичарите не се воопшто подготвени да ја отстапат сцената на младите, иако неизбежно е да прифатат дека дел од сцената мора да се отстапи на сите, бидејќи таа сцена, како што вели, еднакво и припаѓа на секоја група.
Тој истакнува дека не се потребни политички подмладоци кои ќе изгледаат и ќе звучат како своите лидери и сениори во партиите.
„Подмладоците во секоја партија во светот постојат за да донесат нова енергија, за да го поврзат денешното со идното време, да ги променат работите. Треба микс на политичката и општествената сцена од сите групи. Само на тој начин можеме да направиме за неколку децении инклузивно општество по урнек на скандинавските. Ако немате инклузивно општество, не можете да напредувате. Погледнете ги најмоќните и најбогатите демократски држави. Тие се микс од многу групи, религии, етникуми и токму тоа е рецептот за нивната успешност – бидејќи даваат шанса за секоја личност, не дискриминираат и не стигматизираат, односно гледаат да го извлечат потенцијалот кој буквално секој млад човек го има“, вели комуникологот во рамки на подкастот.
Кордалов предупредува дека е неопходно да се држиме до демократијата бидејќи слободата и изборот немаат цена.
„Токму пандемијата ни покажа како изгледа ограничувањето на овие две работи. Ако ова не ни е основна лекција за да ја чуваме и унапредуваме демократијата, тогаш друга шанса нема да добиеме“, смета тој.
Серијата подкасти со наслов „Европски муабети“ се организирани од страна на Младинскиот совет, во соработка со Europe House – Скопје и со поддршка од Делегацијата на Европската Унија.