Kонтроверзниот филм „’Рѓа“ со премиера во Полска

Околу три години по трагичната смрт на кинематографката Халина Хачинс на снимањето на „’Рѓа“ (Rust), ​​кога Алек Болдвин несреќно ја застрела со вистински куршум, филмот ја доживеа својата премиера.

Филмското остварување беше премиерно прикажано во Торуњ, Полска, на Меѓународниот филмски фестивал „Камеримиџ“. На премиерата на филмот, дел од публиката остана во шок за време на сцената во којашто лик случајно е убиен од огнено оружје, што многумина го поврзуваат со вистинската трагедија. Некои критичари истакнуваат дека е речиси невозможно да се одвои филмот од случувањата на снимањето.

Инаку, мајката на Халина – Олга Соловеј, кoja e по потекло од Источна Европа, рече дека не присуствувала на премиерата бидејќи однесувањето на Болдвин по трагедијата ја продлабочило нејзината болка.

– Отсекогаш се надевав дека ќе ја видам работата на ќерка ми на големото платно во Полска. За жал, тоа ми беше одземено кога Алек Болдвин испука куршум и ја уби мојата ќерка, рече Соловеј во изјава за „Холивуд репортер“.

Семејството Хачинс, преку нивната адвокатка Глорија Олред, истакна дека Болдвин никогаш не контактирал со семејството за да се извини.

– Болдвин го испука куршумот што ја уби Халина, но никогаш не им се јави да каже дека му е жал, додаде Олред.

Алек Болдвин не беше присутен на премиерата. Ова лето, глумецот беше ослободен од обвиненијата за убиство од небрежност. Хана Гутјерез – одговорна за оружјето на снимањето, е осудена на 18 месеци затвор поради непрописно поставување на вистинскиот куршум што Болдвин го употребил за време на снимањето.

- Реклама -