Контраофанзивата ќе биде долга и тешка, на Киев му се потребни над 200 тенкови и 60 до 80 ловци – вели Подољак

Украина очекува нејзината контраофанзива да биде „долга и тешка“ поради проблемите со снабдувањето со западно оружје и со мините поставени од руските сили.

„Несомнено, оваа операција ќе биде доста тешка, долга и ќе потрае многу време“, рече Михаило Подољак, советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Според него, „главна пречка за напредувањето на украинските сили се мините што ги поставува руската армија со месеци и главно длабочината на минските полиња, која може да биде од четири до шеснаесет километри“.

Подољак нагласи дека Киев не е подготвен на компромиси со Русија, „бидејќи Москва се обидува да ја уништи украинската држава и да ја врати целосната контрола што ја имаше во советско време“.

Прочитајте и:  Белоусов: Украинската воена кампања за 2025 година пропадна

Тој, исто така, го наведе оружјето што ѝ е потребно на неговата земја за да ја забрза својата контраофанзива.

„Станува збор за 200-300 оклопни возила, главно тенкови, меѓу 60 и 80 ловци Ф-16, системи за воздушна одбрана ‘Патриот’ или нивниот француски еквивалент САМП/Т“, појасни Подољак.

МИА

- Реклама -